Белис сака да го задржи аматерскиот статус во тенисот

Младата американска тенисерка Кетрин Белис направи сензација, откако во првото коло на УС Опен ја совлада 12. носителка Доминика Цибулкова.

15-годишната тенисерка со пласманот во второто коло заработи 60.420 долари, но одлучи да ги одбие бидејќи сака да го задржи статусот аматер.

Таа се школува дома, но има амбиции да замине на колеџ, а паричната награда би можела да и ги наруши плановите.

“Засега ќе останам аматер, со цел да имам отворени опции за колеџ, во случај на повреда или нешто друго. Но, би сакала еден ден да станам професионалец. Навистина не размислувам за паричната награда. Се фокусирам на тенисот, не размислувам на ништо што би можело да се случи после мечот”, истакна Белис.

Американката, која се наоѓа 1208. место на ВТА листата, славеше со 6-1, 4-6, 6-4, а после тој дуел беше еднакво изненадена како и сите други.

Таа е најмладата победничка на некој меч на Гренд Слем турнирите во последните девет години.