Бенефит за сите- од доктори до хонорарци

Директорите, докторите, професорите, политичарите, адвокатите, судиите, вработените во државната администрација, веројатно ќе бидат оние што ќе имаат најмногу бенефит од измените на неколкуте закони што ги регулираат работничките права, кои завчера ги усвои Владата, бидејќи токму вработените во овие професии досега најмногу инсистираа да работат и откако ќе ја исполнат старосната граница за пензија, пишува Дневник.

Отсега, со наполнување на 62 години за жени и 64 за мажи, граѓаните ќе можат да одлучат дали ќе сакаат да си го продолжат работниот век и да работат дополнително уште до три години. Од измените бенефит ќе имаат и хонорарците бидејќи газдите ќе мора да им плаќа придонесите и на работниците што работат со договор на дело или авторски договор доколку износот на хонорарот е поголем од минималната плата, која сега изнесува 8.800 денари и доколку не се осигурени на друго место. Лицата што имаат склучено авторски или други договори и примаат поголем износ од минималецот веќе нема да можат да се пријавуваат во Агенцијата за вработување како невработени. Ова приближно се основните измени на пет закони кои веќе стасаа до Собранието. Предвидени се и ригорозни казни за прекршителите.

Работодавачите ги поздравуваат предложените измени, но бараат прецизирање на неколку детали кои денес ќе ги образложат на Економско-социјалниот совет. Тие ќе предложат придонесите за хонорарците да се плаќаат доколку исплатите се поголеми од просечната плата во земјава, односно над 21.000 денари. Другите, пак, ќе ги прифатат како оние за доброволно продолжување на работниот век, но ќе побараат и можност за предвремено пензионирање со докуп на стаж од страна на работодавците.

Целиот текст можете да го прочитате тука.