Бенитез со емотивен говор на промоцијата во Мадрид

Трофејниот шпански стручњак Рафа Бенитез попладнево беше официјално промовиран во нов тренер на Реал Мадрид каде се враќа по две децении.

Тој ја почна тренерската кариера во младинската школа на Реал во деведесеттите години од минатиот век, но шанса за работа во првиот тим добива дури сега. Од тие причини, тој не можеше да ги задржи солзите за време на презентацијата.

“Ова е најтешкиот дел, кога треба да се каже нешто, а не знам што. Ова е за мене возбудлив ден, се вратив дома. Можам да ветам само напорна работа и се надевам дека ќе освојуваме титули”, порача Бенитез.

Своите најдобри денови во тренерската кариера, тој ги помина пред десетина години. Прво, во 2002 и 2004 година со Валенсија триумфираше во шпанското првенство, а во 2005 година со Ливерпул ја освои и Лигата на шампионите. Последните години кариерата му одеше во надолна линија, но и натаму важи за еден од најуспешните тренери во Европа.

На тренерската клупа во Реал, Бенитез го наследува Карло Анчелоти кој во својата прва сезона освои четири трофеи, меѓу кои и оној во Лигата на шампионите, но оваа кампања ја заврши без ниедна титула.

Говорот на Рафа Бенитез можете да го погледнете на следниов ЛИНК.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.