„Бентлито“ на Шариќ исчезнало од српското МВР!?

Автомобилот „Бентли“, сопственост на најпознатиот српски наркодилер, Дарко Шариќ, исчезнал од гаражите на Министерството за внатрешни работи на Србија, пишува во своето денешно издание весникот „Курир“, пренесува Нетпрес.

Управата за сообраќајна полиција го добила возилото, вредно околу 250.000 евра, на користење, откако му било одземено на Шариќ. Повикувајќи се на сопствени извори весникот објавува дека врвот на српското МВР, поточно Управата за криминалистичка полиција веќе покренала истрага за исчезнатиот луксузен автомобил, и како е можно возилото да го нема.

„Се знае дека познатото ’бентли’ е дадено на користење на Управата за сообраќајна полиција и нејзиниот доскорешен началник Драгиша Симиќ. Тој кон возилото се однесуваше како да е негова приватна сопственост. Никој друг од Управата немал можност да го користи. Во текот на истрагата утврдено било дека на возилото му се сменети регистарските таблички, што буди сомнеж дека некој сакал да ги скрие трагите на автомобилот и да си го присвои. Но, се’ ќе се дознае и истрагата ќе обезбеди одличен материјал за обвинителството“, открил изворот на „Курир“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.