Берлин: Блиските врски со Русија не се пречка за приближувањето кон ЕУ

Блиските врски што земјите од западниот Балкан ги имаат со Русија не се во спротивност со нивните напори за понатамошно приближување кон Европската унија, велат за МИА извори во германското Федерално министерство за надворешни работи.

Во врска со минатонеделната изјава на американскиот државен секретар Џон Кери на седница на Комисија на Сенатот дека Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Молдавија, Грузија и Транснистрија се наоѓаат на „линија на огнот“ меѓу САД и Русија, извори во германското Министерство за надворешни работи велат дека „Германија заедно со своите европски и други меѓународни партнери се ангажира за просперитетна иднина на земјите од западен Балкан“.

– Европската унија на сите овие држави им понуди иднина во рамките на Европската унија. Оваа перспектива е централен столб за сите земји во регионот, сите се стремеа кон патот за приближување на Европската Унија, велат истите извори.

Во реакцијата на еден од најблиските партнери на САД во врска со прашањето за „растечкото влијание на Русија на Балканот“ за кое говореше и Кери, изворите на МИА во германското Министерство додаваат дека „фактот што многу земји од западен Балкан традиционално имаат посебни и блиски врски со Русија, не е во контрадикција со понатамошното нивоно приближување кон Европска унија, како што покажува и примерот на земјите од западниот Балкан кои се веќе членки на Европска унија“.

Според германското Министерство за надворешни работи, во рамки на нивното приближување кон Унијата, земјите постепено го прифаќаат европското законодавство и ги преземаат заедничките надворешно-политички позиции на ЕУ.

Фото: МИА