Берлин станува главна база за регрутирање на членови на ИД

Според анализите на германското обвинителство најмалку 100 германски граѓани имаат врски со Исламска држава поради што сите се дел од истрагата на властите во Германија, јави дописникот на МИА од Берлин.

Главна локација каде што Исламска држава регрутира нови членови кои што подоцна заминуваат на боиштата во Сирија и Ирак е главниот град Берлин. Регрутираните покрај со верски и идеолошки теми се привлекуваат и со финансиски ветувања и можности идните борци да можат да присвојат вредности за време на воените акции.

Случајот со 16-годишно момче од Берлин кое што било фатено од турските власти и вратено дома го отвори прашањето и за се помалата возраст на регрутираните борци на Исламска држава.

Според портпаролот на берлинското јавно обвинителство Мартин Штелтнер во текот на летото бил откриен случај на момче на 13 годишна возраст кое што требало да замине во Сирија а било фатено на границата со Турција.

Според весникот „Нојес Дојчланд“ главната база за регрутација на потенцијални борци на ИД е Берлин каде што полицијата извршила неколку потраги по осомничени исламски активисти кои што се осомничени за „планирање сериозни субверзивни активности“ и „нелегално поседување оружје“. Еден од осмоничените на интернет поставил фотографија на која се сликал со автоматска пушка Калашњиков и најавил дека планира да замине за Сирија.

Весникот „Берлинер Цајтунг“ објави дека во берлинското метро се пуштани пропагандни песни на ИД и биле дистрибуирани летоци со повик за заминување во Сирија

Од околу 670 членови на салафистички екстремни групи во Берлин околу 350 се сметаат за ориентирани кон насилство а против 100 од нив се под специјални истражни мерки.

Според германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мазиер околу 760 германски граѓани се дел од ИД а една петина од нив се жени кои што не учествуваат во борби туку на друг начин помагаат террористички акции. Најголем дел од нив се на возраст од дваесетина години родени се во Германија а имаат германско или двојно државјанство. Околу 120 од нив веќе загинале во Сирија или Ирак а околу 200 веќе се вратени во Германија и претставуваат потенцијална опасност за германската безбедност.