Свет

италија пред парламентарните избори Берлускони се кандидира и покрај забраната, можна коалиција на десницата и левицата

Берлускони се кандидира и покрај забраната, можна коалиција на десницата и левицата

Името на поранешниот италијански премиер, 81-годишниот Силвио Берлускони, повторно ќе се најде на изборните листи на претстојните парламентарни избори иако му е забрането да се кандидира на избори, а актуелниот министер за економија Пјер Карло Падоаните во неделата навестува дека доколку нема јасен победник можно е создавање коалиција меѓу десните и левите партии.

На социјалната мрежа Facebook, Силвио Берлускони го објави изборното лого на својата партија Forza Italia (Напред Италија) со текстот „Берлускони претседател“.

Италијанските премиери ја добиваат титулата „претседател“, бидејќи нивната должност формално се нарекува „претседател на министерскиот совет“. Берлускони оваа должност ја извршуваше во 1994 година, па потоа уште во два наврата во периодот од 2001 до 2006-та и од 2008 до 2011 година.

Сепак, оваа година нема да може да се кандидира поради забраната за извршување јавни должности поврзана со пресудата за затајување на данок. Забраната за Берлускони важи до следната 2019 година. Но и покрај забраната, Берлускони и претходно најави дека ќе ја оди кампањата за својата партија и оти ќе ја доведе на власт.

Берлускони ја предводи Лигата на италијанските браќа, конзервативна коалиција во којашто се две евроскептични и противдоселенички партии и коишто водат во предизборните анкети со 35 отсто доверба кај испитаниците.

Италијанците на 4-ти март ќе излезат на изборите на коишто не се очекува дефинирање на цврсто парламентарно мнозинство, што ќе придонесе за нестабилност во земјата којашто е ранлива поради третиот најголем јавен долг во светот и слабите потенцијали за економски раст.

Во разговорот за миланскиот дневен весник Corriere della Sera објавен во неделата, министерот за економија Пјер Карло Падоан вели дека не очекува дека некоја од трите големи партии, Демократската партија (PD) од левиот центар, десничарската Напред Италија (FI) и евроскептичното и антиестаблишмент движење Пет ѕвезди, ќе може самостојно да владее.

Иако се предвидува дека десниот центар во март ќе освои најмногу пратенички места, анкетите упатуваат дека нема да освојат апсолутно мнозинство во парламентот.

На прашањето дали PD и FI ќе формираат влада, Падоан вели дека „во контекстот на големата неизвесност ништо не може да се исклучи“. „Таквата неизвесност веќе се воочува. Се чини дека финансиските пазари се доста нервозни“, вели.

Десните и левите партии во Италија и претходно во изминатите седумдесетина влади по војната често се поддржуваа на власт. Во моментов, аналитичарите велат дека десницата и левицата, коишто ги водат поранешните премиери, односно Силвио Берлускони и Матео Ренци, имаат најумерени ставови.