Берлускони залутал на митинг на левичарската партија, наместо на својата

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони по грешка се појавил на митингот на кандидатот на левичарската партија, наместо на својата Форца Италија.

Инцидентот се случил во градот Сеграте близу Милано за време на митингот на Паоло Микели, кандидат за градоначалник на денешните локални избори. Приврзаниците на Микели, кој го поддржува Демократската партија на левиот центар, биле вџашени кога Берлускони, со дури шест телохранители, се појавил на плоштадот каде што се одржувал митингот.

Тој неколку минути шетал по плоштадот, а потоа прашал некого како се вика кандидатот. Берлускони потоа рекол: „Млади луѓе, сметам на вас дека ќе гласате за Паоло“ и брзо исчезнал откако некој од придружбата го известил дека погрешил.

Микели подоцна објавил на Фејсбук: „Со поддршката на Каваљере, можам да кажам дека победив“.