БЕСА доби уште едно седиште во Тетово

Членови на Централниот совет на движењето БЕСА што го предводи пратеникот во Неџбедин Каремани одржаа состанок во понеделникот вечерта во новите простории кои беа отворени во Тетово.

По состанокот Каремани без да одговара на новинарски прашања ја прочита својата изјава за медиумите, во којашто рече дека проблемите во БЕСА настанале од непочитување на органите на партијата и, како што рече, „поради некои довчерашни пријатели кои се жедни за канцеларии а помалку за интересите и идеите на Албанците“.

„Овие нови простории што се доволни и пријатни се и многу важни, бидејќи тие ќе бидат еден прозорец за комуникација на БЕСА со сите оние кои до вчера не биле добредојдени во движењето БЕСА. Овие простории не се на одделни кланови, реони или села, туку канцелариите на БЕСА се врати за сите граѓани од каде и да се. Иако поделбите не се посакувани од никого, а особено не од нас, кога ставовите се различни поделбата е неопходна“, рече Каремани.

Побара од присутните членови, симпатизери и поддржувачи повеќе да не заморуваат со минатото туку да се насочат кон работите што ги очекуваат, како внатрешните избори и организирањето на конгресот што е закажан за 21-ви февруари. Уште еднаш потенцираше дека БЕСА ќе ја надмине сегашната фаза и ќе биде уште посилна.