БЕСА го осуди насилството во Собранието

Движењето БЕСА го осуди синоќешното насилство во Собранието и упати повик до граѓаните да не подлегнуваат на провокации.

– По денешниот напад над Собранието на Република Македонија, кога пратениците од парламентарното мнозинство ја реализираа својата законска должност за избор на претседател на Собранието, Движењето БЕСА ги осудува најостро овие инциденти и констатира дека со тоа што Министерството за внатрешни работи им дозволи на хулиганите на ВМРО-ДПМНЕ да ја нападнат највисоката законодавна институција е знак дека Македонија веќе не доликува на демократска држава и тука никој веќе не е сигурен за својот живот. Притоа ги повикуваме државните органи кои се надлежни за обезбедување на јавниот ред и мир да застанат во одбрана на државните институции и на безбедноста на граѓаните, се вели во соопштението од БЕСА.

Движењето БЕСА, се додава во соопштението, го осудува насилството и ги повикува сите граѓани на земјава, особено Албанците, да бидат внимателни, да не излегуваат во јавни плоштади и во фреквентни улици во Скопје и да не бидат жртви на разните провокации, кои се прават со сега познато сценарио. Убедени дека насилството не е начин за решавање на несогласувањата, ги повикуваме сите страни да бидат разумни, бидејќи една мала грешка денес може да ни чини скапо утре, соопшти БЕСА.