БЕСА: Не за соработката со оние кои го продаваат националниот интерес

Движењето БЕСА нема да учествува на средбата на албанските парламентарни парти потписнички на Декларацијата на албанските политички партии или попозната како Тиранска палтформа, коешто во средата треба да се одржи во Собранието затоа што смета дека другите партии потписнички не се придржуваат до тоа што го договарале во процесот на креирањето на платформата и истакнува дека не соработува со оние коишто според нејзина оцена го продаваат националниот интерес.

„Движењето БЕСА и натаму е посветена на заштита на интересите на граѓаните, особено кога станува збор за интересот на Албанците во Македонија.Во име на овој интерес, неретко сме се надминале себеси и сме подале рака за соработка и на тие на кои единствена преокупација им е власта. Меѓутоа, албанскиот електорат е тој кој веруваше во нашата искреност и политичка зрелост, кој со масовната поддршка што ни ја даде во последните парламентарни избори нѐ направи и поупорни и бескомпромисни кога станува збор за интересот на Албанците во Македонија“, се вели во писмената изјава на движењето.

Од БЕСА истакнуваат и дека споменатите интереси и натаму се погазени, „дури и по формирањето на новата, таканаречена реформска влада“.

„Поделбата на Буџетот и ребалансот покажаа дека партиите на власт, народот го сметат како нивна сопственост, а не како на оној на кому треба да му служиме за да им овозможиме живот со благосостојба и достоинство“, велат од БЕСЕ.

Сметаат дека буџетската дискриминација и натаму се продлабочува, при што најмногу страдале општините населени со Албанци.

„Албанските партии на власт, ДУИ и таканаречената Алијанса за Албанците, преку нивните сателити се трудат да го дефокусираат вниманието од реалните проблеми преку покани во кои не веруваат ни самите тие“, се истакнува натаму во ијавата на БЕСА.

Се додава дека лидерот на „интегративците“, Али Ахмети, исто како што манипулирал со состанокот на кој е потпишана Заедничката декларација, со истиот пристап повторно се трудел да се наметне преку поканите на „неговите сателити“.

„Наместо оваа покана, Али Ахмети прво треба да даде одговор што се случи со Декларацијата на албанските партии?; Кои точки од овој документ се опфатени во владиниот договор?; Али Ахмети, пред да упати покани преку ‘неговите сателити’, прво треба да објасни зошто и во пресрет на 100-те дена од формирање на оваа влада, сѐ уште немаме закон за албанскиот јазик?“, прашуваат од БЕСА.

Движењето БЕСА го повторува ставот дека е отворена за комуникација во рамките не Собранието со албанските партии, и дека никогаш нема да се двоуми кога станува збор за интересите на Албанците.

„Но, со овие чекори на албанските партии на власт, испаѓа дека еден од главните национални интереси на Албанците е да ги заштитиме од самиот Али Ахмети“, порачуваат.

„Како прво, тркалезната маса што ќе се одржи денеска концептуално не одговара на тоа што го договаравме во врска со Декларацијата. Тогаш јасно кажавме кој треба да повика на средбата, а ова што сега се случува е злоупотреба на претходно договореното. Како второ, не се знае кои точки од декларацијата ќе бидат дел од програмата на Владата. За тоа требаше да бидеме информирани, не само ние како БЕСА, туку и сите граѓани. Поради овие две причини нема да учествуваме на денешната средба“, изјави претходно во средата Африм Гаши од Движењето БЕСА за Плусинфо.

Средбата инаку во вторникот ја свика Весел Мемеди од НДП, кој ги покани потписниците на платформата ќе се одржи во Собранието,

„Во согласност со Декларацијата на албанските политички партии донесенa на 7 јануари оваа година и обврските што произлегуваат за одржување на редовни состаноци на тркалезна маса на албанските парламентарни партии за заеднички да го наблудуваат текот на имплементацијата на декларацијата, имам чест да ве повикам на следниот состанок на претседателите на парламентарните албански партии, која ќе се одржи во просториите на Собранието на Република Македонија во 14 часот“, се вели во поканата.

И на претходната средба, одржана на 28 јуни во хотелот „Александар палас“ БЕСА ја одби поканатам тогаш оценувајќи дека не станува збор за суштински состанок, туку за импровизирана тркалезна маса за да се манипилира со јавноста. Тогаш БЕСА предложи средбите да се одржуваат во Собранието и да се координираат од претставници на парламентарните групи или претставници на политичките партии.