Беса поцврста во преговорите од ДУИ: Сега и Касами бара писмени гаранции од Заев

Не отстапуваме од принципите што писмено му ги доставивме на мандатарот и ако тој ги прифати, ќе бидеме дел од владата, но за тоа бараме на документот да биде потпишан мандатарот Зоран Заев, велат од Движењето Беса.

Доколку Kасами не е подготвен на отстапки од црвените линии, за кои бара потпис од Заев, речиси е извесно дека новата влада ќе биде без Беса, односно на „Илинденска“ ќе седнат СДС, ДУИ и „Алијансата за Албанците“, анализира денешен „Дневник“. Тактизирањето на Беса го одложи екипирањето на владиниот кабинет и очекувањата се дека Заев ќе ги достави до Собранието составот и владината програма најверојатно в понеделник.

– Сметаме дека принципите за кои бараме Заев да ги прифати се за доброто на државата и оти со тоа ќе придонесеме новата влада да биде реформска. Чекаме дали Заев ќе се потпише на документот. Без целосно прифаќање на нашите принципи, во владата да нема лица осомничени во истрагите на СЈО, рокови за гласање на законот за албанскиот јазик, отворање на темата за редефинирање на државата и балансирано владеење, нема ни преговори за поделба на ресорите. Впрочем ако нема принципи, зошто би останале во политиката – вели висок функционер на Беса.

Тој додава дека има шанси за компромис само за распределбата на министерските позиции, но додава дека остануваат на ставот за контрола на владеењето, односно во секој ресор да има преставници од сите партии што ја сочинуваат владата.

Очекувањата се дека с` ќе биде јасно по средбата меѓу Заев и Kасами, која требаше да се одржи вчера попладне, откако немало поместување меѓу двете партии по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери откако Заев се врати од Брисел.

Претходно на Бихаќска, Заев се сретна со лидерите на ДУИ и на ДР-ДПА, Али Ахмети и Зијадин Села.

Од Беса повторуваат дека ако не постигнат договор со СДС, Беса како опозиција ќе ги поддржува сите реформски проекти на владата и прашањата што се битни за Албанците. Според функционерот, партијата с` уште не одлучила дали ќе ја гласа новата влада ако остане во опозиција.

Од СДС велат дека разговорите со Беса продолжуваат и оти се прават напори викендов да се комплетира владиниот кабинет.

– Преку разговорите ќе видиме дали Беса ќе отстапи. Веруваме дека до крајот на денот ќе биде јасно дали ќе има договор за влада.- вели функционерот.

Од исходот на разговорите меѓу Заев и Kасами ќе зависи и конечната распределба на ресорите меѓу СДС, ДУИ и Алијансата за Албанците, како и дали викендов предлогот за влада ќе влезе во Собранието.

– С` зависи од преговорите. Сакаме с` што може да се стори за владата да има поддршка од 67 пратеници. По преговорите со Беса ќе разговараме и со коалициските партнери од нашата коалиција – вели функционерот.

Исходот од преговорите меѓу Заев и Kасами го чекаат и Али Ахмети и Зијадин Села за конечно да се пребројат министерските позиции со кои ќе раководат ДУИ и Алијансата за Албанците, иако начелно ресорите веќе се распределени. Меѓу лидерите се усогласуваат и кандидатите за министерските позиции.

Села повтори дека „Алијансата“ ќе гласа за новата влада и оти ќе ~ даде време дали ќе ги реализира барањата на Албанците, во спротивно, ќе ја напуштат владата.

Според начелната поделба на ресорите, од тоа што е досега познато, СДС ќе ги предводи ресорите одбрана, МВР, култура, за каде што се споменуваат Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски, Едмонд Адеми, Драган Тевдовски за финансии, Никола Димитров за надворешни работи, а за труд и социјала во игра се Мила Царовска и Фросина Ташевска Ременски.

Партијата на Ахмети ќе ги задржи министерствата со кои и претходно раководеше, со исклучок на ресорот образование, кој најверојатно ќе оди за Беса ако биде дел од владата. Ова значи дека вицепремиерското столче за Рамковниот договор останува кај ДУИ, како и ресорите локална самоуправа, животна средина, правда и економија. Информациите од ДУИ се дека Ахмети неколкупати ја менува листата со имиња за министерските позиции поради несогласувањата меѓу двете крила во ДУИ. Неофицијално има нетрпение меѓу крилата што преговараа за влада со ВМРО-ДПМНЕ и за влада со СДС. Од една страна отпор има Теута Арифи и Изет Меџити како директни преговарачи со СДС да бидат министри и, од друга страна, дека не може преговарачите за влада со ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Артан Груби, сега да се дел од владата на СДС. Најсигурни имиња за извршната власт засега се Хазби Лика како претставник на военото крило, но и Бујар Османи и Лирим Шабани.

Ако „Алијансата за Албанците“ влезе во извршната власт, ќе раководи со вицепремиерската позиција за евроинтеграции и министерството за здравство, за каде што се споменува генералниот секретар Арбен Таравари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.