БЕСА и Села: Албанската платформа не зависи од желбите на Иванов

беса

Беса и Алијансата во барањето на Иванов прочитаа обид за минирање на албанската платформа, чии потписници се двете партии и владејачката ДУИ.

И покрај обидите, вчера не успеавме да добиеме став од ДУИ за барањата на претседателот Иванов.

Шефот на државата по консултациите со лидерите на парламентарните партии, одлучи дека мандатот за состав на новата влада ќе и го даде на партијата или коалицијата што ќе докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието. Тој, од партиите што ќе ја формираат владата побара во владината програма да вклучат два клучни приоритета врзани за зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата и системска реформа на системот за национална безбедност.

Орхан Муртезани, портпарол на Беса, вчера ни изјави дека настапот на шефот на државата не е начин како треба да се води една држава.

Во однос на условите на Иванов, сметаме дека државата треба се води според Уставот и законите на Македонија, а не според желбите на претседателот – потенцира Муртезани.

Зијадин Села од Алијансата за Албанците порача дека никој нема право да се става над демократските принципи.

Демократијата е одговор на ветувањата што партиите им ги дале на гласачите во изборната кампања. За среќа, албанската платформа не зависи од некој што се нарекува претседател на државата, ниту од македонските партии, туку од потписниците на платформата и од Албанците – дециден е Села.

Од албанскиот блок коментираат дека според ингеренциите што ги има шефот на државата, никаде не е наведено дека тој има надлежност на партиите да им сугерира или од нив да бара што да содржи програмата на идната влада. Според нив, ова е обид на Иванов да ја тргне од преговарачка маса албанската платформа. Потписниците на платформата повеќепати се изјаснија дека таа ќе биде услов за влада за секоја македонска партија сега и во иднина. Дури отидоа и чекор понатаму со ставот дека за условите од платформата, особено за официјализацијата на албанскиот јазик, продолжувањето на мандатот на СЈО и интеграциите во НАТО и во ЕУ, воопшто и не преговараат.

Рама: Не сум влијаел врз Ахмети

По прозивките до албанскиот премиер Еди Рама дека е креатор на албанската платформа и оти со тоа се меша во внатрешната политика на Македонија, тој во интервју за албанска телевизија негира дека влијаел врз партиите на Албанците во Македонија.

Албанскиот премиер побара од македонските политичари да ја променат политичката култура кон Албанците во Македонија.

Стратешкиот интерес на официјална Тирана е неподелена Македонија, каде што Албанците ќе бидат еднакви со Македонците. Не сум влијаел врз партиите на Албанците за тие да му оневозможат на Груевски да стане премиер. Потребата од заедничка албанска платформа се родила како резултат на нецелосното спроведување на Охридскиот договор – потенцира Рама.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.