БЕСА: Владата на Заев е полна со корупција и криминал

Зеќирија Ибрахими од Движењето БЕСА денеска од Собраниската говорница обвини дека владата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев е полна со корупција и криминал.

Тој го праша Заев каква машина за перење има со која ги пере корумпираните и инкриминираните.

-Господине Зев, граѓаните сакаат да знаат зошто Катица Јанева досега нема покрената ниту една тужба за ниту еден висок експонент на ДУИ, туку таа се занимава со периферни лица од Кичево. Дали сте ги опростиле тие или таа нема доволно информации?- прашува Ибрахими.

Во низата прашања кои пратеникот на БЕСА ги постави до претседателот на СДСМ, тој праша и каква порака испраќа Заев денеска и дали од неговиот избор за влада произлегува дека луѓето можат да крадат, да бидат корумпирани и да прават што сакаат зашто на крај Заев би ги направил функционери и ќе им опростел.

-Ако вашиот партнер вчера ви го наметна името на првиот човек на Парламентот и ако денес ви ги наметна министрите со кривични досиеја, дали произлегува дека вашата влада е заробена од ДУИ?- праша Ибрахими, додавајќи дека на оваа партија никој не и верува, освен Заев.