Македонија

Бесими: Дијалогот е клучен за евроинтеграциите

Бесими: Дијалогот е клучен за евроинтеграциите

Европската интеграција е најдобрата алтернатива што ја има Македонија и регионот. И затоа потребен е поголем ангажман и конкретни резултати во однос на спорот за името со Грција,  чие решение ќе го откочи тој процес  и би можеле официјално да почнеме со преговорите, вели вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими во интрвју за МИА.

Во однос, пак, на форматот, покрај рамката во ОН, под чие покровителство се одвиваат преговорите,  посочува и на други чекори кои би помогнале во овој процес. 

– Прво сметам дека треба да има вклученост и на меѓународната заедница, поголем ангажман во делот на олеснување на процесот и тука би ги наброил како ОН, НАТО, ЕУ и земјите членки на овие институции пред се САД, Германија, Франција, Велика Британија и други што може да помогнат, но главно се овие земји. Вториот аспект што се очекува е да се подигне нивото на преговарачи, односно од делегирани амбасадори да има преговори и на ниво на министри или премиери кои би биле на ниво на одлучување во одредени фази од преговорите со тоа што за финалната опција би следел и процес којшто граѓаните ќе го сфатат како транспарентен, за да се дојде до едно решение што е прифатливо за двете страни, вели Бесими.

Трета работа што би помогнала, додава вицепремиерот, е да има временска динамика и агенда на преговорите по однос на содржината со цел да се направи поконкретен напредок во преговорите, како и да има одредена динамика според некој нормален процес.

– Најсоодветен би бил циклусот на евроинтеграција, затоа што таму на шест месеци се одржува Европски совет, односно на лидерите на земјите членки на ЕУ каде што може да се разгледа прогресот. Значи, во рамките на тој циклус би бил некој нормален тек на динамиката на преговорите и мислам дека тоа би помогнало во овој процес. Но, пред се, важно е да се има волја од двете страни. Тоа е претпоставка за решение затоа што во процесот треба да има и една промена, генерално на менталниот склоп односно на пристапот. Наместо две страни кои се гледаат во процесот со поставени зацртани линии и спротивставени за одреден проблем, процесот да се претвори во партнерски однос за изнаоѓање решение. Значи, партнери во решение, а не спротивставени страни во проблемот како што е сега. Мислам дека ова кажано теоретски, но и според праксата на земјите каде што се постигнале резултати по преговори, се принципите на преговори кои би довеле до решение, посочува Бесими.

За тоа дали ние не ги исполнуваме критериумите во доволна мера или пак е реално чувството дека нам ни се додаваат некои нови услови, Бесими истакнува дека нови услови се додаваат и за земјите членки на ЕУ, бидејќи постојано се воведуваат нови стандарди во ЕУ. Но, овој состав на ЕК, нагласува, покрај за брзината на евроинтеграциите, повеќе ќе биде заинтересиран за квалитетот на реформите.

Очекувано е сега да се гледа подетално, под лупа и со поголема прецизност во однос на реформите што се очекуваат од нас, а темите што се неизбежни се судството, владеење на правото, економското владеење, реформите во јавната администрација… Ова се генерални стратешки определби во европското проширување за целиот регион што го има ЕУ и тие не се само за Македонија. Барањата за Македонија се дефинирани, веќе како приоритети во акцискиот план што го усвои Владата и работиме на тие теми, рече вицепремиерот за евроинтеграции.

Во тој контекст, Бесими оценува дека политичкиот дијалог  во сферата на евроинтеграциите е клучен затоа што евроинтеграциите се гледаат како еден инклузивен процес.

– Дијалогот е клучен во однос на евроинтеграциите затоа што евроинтеграциите не се процес на една владина структура, туку тие се процес на целото општество. И затоа треба во овој процес да биде вклучен институционално и гласот на опозицијата, покрај тој на државните институции каде што и политичката и институционалната одговорност е поголема, посочува Бесими.

Тој оценува дека статус квото дефинитивно влијае врз поддршката од граѓаните за евоинтеграциите, што покажуваат и анкети на СЕП кои наскоро ќе бидат објавени, но оти, сепак, мнозинството од граѓаните ги поддржуваат, а поддршката е највисока во однос на другите земји во регионот. – Сепак, во Македонија граѓаните се оптимисти и веруваат во ЕУ.