Интервјуа

Бесими: Фер и демократски избори за продолжување на реформите

Бесими: Фер и демократски избори за продолжување на реформите

Евроинтеграцискиот процес е исклучително важен за Македонија и според тоа и реформите што се предвидени во тие процеси. Политичката состојба има влијание врз текот и квалитетот на реформите, пред се, затоа што фокусот е на политичките состојби во земјата. Исто така тоа влијае врз капацитетот на домашните институции кои се важни за целиот процес на реформи, истакна вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир бесими во интервју за МИА.

– Кога зборуваме за реформи, тука сакам да ставам акцент на тоа дека реформите се важни за граѓаните, за нас самите, за Република Македонија, а не се само дел од пополнување на некои формулари во Брисел, за кои Брисел би рекол Македонија е подготвена да продолжи со преговори или не туку тие се исклучително важни за нас, за демократските принципи да функционираат во земјата. Вклучително со тоа и изборите станаа дел од условите што Република Македонија ги има во самиот процес на реформи односно во процесот на евроинтеграции, рече Бесими.

Исклучително е важно, потенцира тој, што побрзо да се реализираат итните реформски барања со цел да можеме што повеќе да се фокусираме и на економската активност односно инвестициите.

– Кога го спомнувам ова во контекст на динамиката на изборниот процес, секако имам предвид дека тие треба да бидат целосно според меѓународните стандарди, демократските принципи кои ги налагаат ЕУ, како и меѓународните изборни стандарди затоа што изборниот процес треба да биде фер, демократски и инклузивен и да ја изрази волјата на граѓаните. Избраните да имаат целосен легитимитет и легалитет и да имаме стабилна Влада, која потоа ќе може да спроведе реформи и да ја забрза динамиката на економски раст на земјата, рече Бесими.

Влез во ЕУ, како што потенцира, не значи само менување закони, туку тоа е и еден процес на влез со наши традиционални вредности, културни вредности.

– Меѓутоа, тоа ќе значи и европските вредности да се прифатат во нашето општество како норма на едно демократско развиено општество, вели вицепремиерот.

Фатмир Бесими

За тоа дали ќе се одржат предвремените парламентарни избори на 5 јуни, според последната одлука која беше усвоена во Собранието, Бесими вели дека институциите треба да направат се што е во рамките на нивните надлежности изборите да се спроведат и да се оценат како фер и демократски.

– До 5 јуни се даде дополнителен рок и треба да се работи на надминување на сите прашања или проблеми кои евентуално би можеле да се појават, рече Бесими.

Во врска со медиумските реформи и официјалниот прекин на разговори меѓу учесниците во разговорите, Бесими вели дека ќе се смета за важен прогрес доколку нешто може да се постигне, да се усогласи и во овој состав на Собранието.

– Доколку нешто може да се постигне и во овој состав на Собранието, да се усогласи, ќе се смета за важен прогрес. Но, процесот на реформи на медиумите треба да постои во континуитет. Тоа е важно прашање за Република Македонија, кое не е директно поврзано со изборите, туку, пред се, како основно фундаментално право на граѓаните во едно демократско општество. Значи, овој процес не е завршен и овој процес продолжува. Има работи кои се направени, има можност уште повеќе да се направат, но, пред се, е важна и самата имплементација на тоа што станува дел од законите, вели вицепремиерот.

За разговорите со Грција за името и евентуално некакво придвижување пред самитот на НАТО во Варшава, вицепремиерот истакна дека важно е Македонија да биде проактивна и да покаже конструктивност во решавањето на ова отворено прашање со Грција.

– Не е едноставно, но сепак за Македонија е важно во овој процес да постигне решение кое ќе биде прифатливо и за Македонија и за Грција, кое ќе го отвори нашиот пат за членство во НАТО и ЕУ. Кога кажувам членство во НАТО и ЕУ го имам предвид тоа што тие значат за иднината на Република Македонија. Ние треба да сме реални за тоа што во овој период може да се направи, но важно е Македонија во континуитет да биде проактивна во овој процес затоа што и нашиот пристап се оценува од земјите-членки на ЕУ, вели Бесими.

Евроинтеграциските процеси и мигрантската криза, според вицепремиерот не се директно поврзани, но важно е Македонија да покаже дека е земја која ги следи меѓународните стандарди за помагање на мигранти и дека ги следи одлуките на Брисел. Тоа, вели тој не е компензација ниту супститут за евроинтеграцискиот процес.

– Доколку некој смета дека ова ќе биде компензација за евроинтеграциските процеси и реформската агенда што треба да ја спроведеме или политичката состојба – не, тие не се супститути. Значи, во однос на тие критериуми што ги кажав – политичка ситуација, избори и реформи, и како се однесуваме со мигрантската криза, се посебно си има свое значење, но не може да биде супститут или компензација едно за друго. Македонија со секој дел од ова се цени посебно, рече Бесими.

На бегалците кои се вратени на територија на Македонија треба да им се дефинира нивниот статус, и доколку станува збор за економски мигранти, како што вели тој, треба да се враќаат.

– Тие треба да бидат дел од тоа што е договорено во ЕУ во Брисел. Доколку функционира тој договор, економските мигранти ќе се враќаат. Треба да се дефинира нивниот статус. Доколку се бегалци кои доаѓаат од огнени жаришта, тие имаат статус на бегалци и се прифаќаат во ЕУ и ќе го следат тој пат. Но, во никој случај не треба да го заборавиме хуманиот аспект и фактот дека бегалците не се криминалци и нивното згрижување претставува фундаментално човеково право, изјави Бесими.

Вицепремиерот во петочното интервју за МИА потенцира дека на Денот на ЕУ со научна конференција за искуствата на Македонија и перспективите за нашите европски интеграции во организација на СЕП и МАНУ ќе биде одбележан јубилејот 20 години од првиот договор што Македонија го има со ЕУ и 20 години од основањето на првата организациона единица за европски прашања во Владата на Република Македонија.