Бесими и Поповски во Брисел ќе брифираат за напредокот во исполнување на клучните приоритети од Дијалогот на високо ниво

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, и министерот за надворешни работи, Никола Поповски, утре, ќе остварат работна посета на Брисел каде ќе се сретнат со претставници на институциите на Европската Унија.

За време на посетата ќе се оствари заедничка средба со Еврокомесарот за проширување на Европската Унија, Штефан Филе, каде ќе се разговара за напредокот во исполнувањето на клучните приоритети од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) како и понатамошно продолжување на истиот. На состанокот исто така ќе се разгледаат перспективите на европскиот интегративен процес на Македонија во 2014 година.

Вицепремиерот Бесими ќе се сретне и со известителот во Европскиот парламент Ричард Ховит, каде ќе го информира за последниот напредок во клучните реформски области.