Македонија,Политика

Бесими: Важно е Европското Проширување на Западен Балкан да биде на агендата на следниот претседавач со ЕУ

Бесими: Важно е Европското Проширување на Западен Балкан да биде на агендата на следниот претседавач со ЕУ

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска оствари средба со заменик министерот за надворешни работи на Република Италија, Бенедето Дела Девода.

На средбата главен акцент беше ставен на приоритетите на италијанското претседателство со Европска Унија која започнува од јуни месец и ќе трае до декември 2014 година. Од страна на заменик министерот Девода беше истакнато дека политиката на проширување е еден од врвните приоритети на Република Италија и дека сериозно ќе се ангажираат за поддршка на земјите од Западен Балкан за побрзо членство во ЕУ.

Тој додаде дека ќе ја подржуваат нашата земја во нејзините напори за надминување на отворените прашања и во заложбите на Владата на Република Македонија за започнување на преговорите за членство со ЕУ.

Бесими ја поздрави нивната спремност за поддршка во текот на нивното претседавање со ЕУ за приклучување на Западниот Балкан во ЕУ и додаде дека Европската унија е главен стратешки приоритет за Република Македонија и дека нашата земја силно е посветена кон спроведување на реформите и исполнување на критериумите за членство во Унијата.

Двајцата соговорници исто така разговараа и за можностите за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји како на економски така и на културен план преку интензивирање на економската соработка и преку размена на културните практики на двете земји. Дополнително, беше истакнато дека соработката може да продолжи и во однос на јакнење на капацитетите на македонската администрација во делот на владеење на право, јавните набавки, земјоделство и рурален развој, енергетика, јавното здравје, финансиската контрола итн.

Вицепремиерот Бесими на крајот на средбата уште еднаш им посака успешно претседавање со Унијата и успешна реализација зацртаните цели.