Бесими во Брисел: Силно се фокусираме на европската интеграција и храбро се соочуваме со предизвиците

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, оствари посета на Брисел каде имаше и свое обраќање на брифинг во Центарот за европски политики, на тема: „Европската иднината на Македонија – Перспективите и предизвиците”.

Во неговото обраќање, Бесими истакна дека и покрај отворените прашања со соседите, членки на Европска унија, силно стоиме фокусирани на нашите обврски што треба да ги исполниме и храбро се соочуваме со сите предизвици што ги носи реформскиот процес.

Тој информираше за досегашната работа на Владата на Република Македонија каде ги спомна реализираните реформи а кои се дел од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), како што се реформите во делот на слободата и изразувањето; измените во Изборниот законик за кои се постигна консензус меѓу политичките партии и реформите во делот на  владеење на правото и почитувањето на фундаменталните права; реформите во јавната администрација и пазарната економија, а посебен акцент стави и на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, како клучен приоритет на Владата за зајакнување на мултиетничкиот карактер на земјата.

Бесими додаде дека ХЛАД е добар пример како ЕУ и Македонија како земја кандидат, можат заедно да работат на реформите, поттикнувајќи нов ентузијазам во целокупниот интегративен реформски процес.

Бесими ги истакна како исклучително важни добрососедските односи и укажа на подготвеноста од наша страна да ги надминеме на конструктивен начин отворените прашања со соседите. Притоа ја оцени како конструктивен чекор посетата на министерот за надворешни работи на Република Грција,  Венизелос на Република Македонија во својство на претседавач на ЕУ.

Бесими, исто така, ја истакна важноста од забрзување на евроинтеграциите, како важен предуслов за стабилноста и развојот на регионот и како заедничка тема и цел која ги постави земјите од регионот на иста страна во создавање на подобра заедничка иднина на земјите од Западен Балкан во Европската унија.

Центарот за европски политики е независна организација посветена на интеграциите во ЕУ и која работи според најсовремените европски и глобални начини на водење политика, обезбедувајќи најбрзи и најквалитетни информации и анализи од ЕУ и глобалната политичка агенда.

Во текот на посетата Вицепремиерот Бесими се сретна и со директорката на Директоратот за проширување на Европската Комисија Александра Кас Грање како и со Известувачот за Република Македонија во Европскиот Парламент, Ричард Ховит.

Бесими ги искористи средбите уште еднаш да ја истакне посветеноста на Република Македонија во нејзиниот евроинтегративен процес, како и напредокот во реформите кои се вклучени во препораките на ПДВН.