Бесплатен јавен превоз додека не се намали загадувањето

Заради намалувањето на загаденоста на воздухот во Скопје, која викендов беше на аларманстно високо ниво, градската власт одлучи од утре јавниот градски превоз, вклучително и превозот во приватните автобуси, да биде бесплатен за граѓаните.
Оваа мерка која што денеска ја најави градоначалникот Коце Трајановски, ќе трае се до намалување на загаденоста на амбиенсталниот воздух под дозволените гграници.

Трајановски најави и дека со општините ќе ја интензивира контролата на градилиштата, а  ЈП „Комунална хигиена“ ќе продолжи со интензивно миење на градските улици и булевари.

Согласно своите ингеренции, Градот не може да донесе одлука за воведување пар-непар во сообраќајот, бидејќи за тоа се потребни законски измени, а оваа мерка е во надлежност на Министерството за животна средина, МВР и Министерството за здравство.

Трајановски  апелира до вработените во Град Скопје да доаѓаат на работа со автобус, и додаде дека службените возила ќе ги користат исклучиво градскиот инспекторат. Лично тој најави дека од утре на работа ќе доаѓа со автобус. Службените возила на градската власт ќе се користат само за потребите на градскиот инспекторат.

– Доколку дозволат временските услови Град Скопје ќе продолжи да ги прска градските улици со средството калциум магнезиум ацетат, рече Трајановски и додаде дека за тоа имаат доволен број возила и средства.

Во врска со шпекулациите што се појавија во јавноста дека топланите загадуваат во Градот Скопје, ја информирам јавноста дека инспекцискиот надзор спроведен викендов во сите топлани, а тоа се Топлификација АД – Топлана Скопје Север, Балкан Енерџи Груп, АД ЕЛЕМ Енергетика, Топланата на Клиничкиот центар и Топланата на Болницата „8.Септември“ покажа дека сите посочени топлани работат исклучиво на гас, што значи дека не загадуваат и не поседуваат никаква залиха на мазут или нафта.

Трајановски ги отфрли обвинувањата дека загадувањето доаѓа и поради согорување на отпадот од депонијата „Дрисла“, затоа што таму се согорува само оној отпад за што е дозволено со закон, како и одговорноста на Градот дека не придонесува за намалување на аерозагадувањето.
Како одбрамбени аргументи тој посочи дека изминатиот период комплетно е сменет возниот парк на ЈСП, зголемен е бројот на возила на јавното комунално претпријатие. Исто така, потсети дека е оформено ново зеленило од 300.000 квадратни метри, нови насади на дрвца, проширени булевари за побрз проток на возила, воведен е Центар за управвање и контрола со собраќај, авел системот и системот на „паметни картички“ во јавниот превоз.

А, во процес е и најавената гасификација на градот што треба значително да го намали загадувањето на воздухот, бидејќи истражувањата покажаа дека најголеми загадувачи се домаќинствата кои се греат на дрва.