Бесплатен превоз за сите студенти

Премиерот Никола Груевски во своето обраќање на Свечената академија по повод државниот празник Св. Климент Охридски, соопшти низа проекти кои се однесуваат пред се на младите луѓе.  Еден од нив е и бесплатниот превоз за студентите.

-Денес би сакал да објавам два нови проекти кои се однесуваат пред се на младите луѓе, и имаат поврзаност со образованието, и за кои верувам дека ќе придонесат за интересот на овие категории и ќе обезбедат дополнителна вредност во тие полиња. Овие два проекта се дел од една поширока палета од 100 мерки и проекти кои се наменети за младите и за образованието како составен дел од младинскиот живот, и кои во идниот период ќе бидат објавувани од страна на нашата политичка гарнитура, проекти и мерки на кои сериозно работевме подолг период, и тоа од страна на стручни лица, но пред се како резултат на добиени идеи од страна на младите лица кои се најмногу засегнати од младинските предизвици и најдобро ги чувствуваат младинските потреби, и како резултат на тоа имаат најдобри решенија за истите. Првиот проект кој сакам да го објавам денес и кој се однесува на студентите, е проектот бесплатен превоз за студентите, истакна премиерот.

Проектот ќе започне од 1. јануари наредната година, а бесплатниот превоз ќе важи за сите редовни студенти на сите државни универзитети во земјава.

-Започнувајќи од 1 јануари 2016 година, и со цел грижа за повисок студентски стандард, на сите редовни студенти на државните универзитети ќе им биде овозможен бесплатен превоз во јавниот градски сообраќај, односно во јавниот автобуски превоз во Скопје и во другите градови каде што има организиран јавен автобуски превоз. Сите редовни студенти од државните универзитети ќе можат да користат бесплатен јавен градски превоз секој ден во неделата, на сите линии. Со оваа мерка е предвидено на сите редовни студенти од државните универзитети да им се доделат картички од ЈСП Скопје и другите јавни претпријатија во градовите каде што има јавен автобуски превоз, со цел да можат бесплатно да ја користат услугата на јавните сообраќајни претпријатија. Владата со цел да се имплементира оваа мерка ќе исплаќа трансфери на средства кон соодветните единици на локална самоуправа, подвлече премиерот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.