Од денес бесплатен превоз за студентите, поволности и за средношколците

Првите поволности од новите мерки на Владата ќе може од денеска да ги ползуваат студентите. Редовните студенти на државните универзитети бесплатно ќе го користат јавниот автобуски превоз во Скопје и останатите градови каде што го има. Мерката, која премиерот Груевски неодамна ја најави е воведена со цел да се зголеми мобилноста на младите.

Сите редовни студенти од државните универзитети ќе можат да користат бесплатен јавен градски превоз секој ден во неделата, на сите линии. Со оваа мерка е предвидено на сите редовни студенти од државните универзитети да им се доделат картички од ЈСП Скопје и другите јавни претпријатија во градовите каде што има јавен автобуски превоз, со цел да можат бесплатно да ја користат услугата на јавните сообраќајни претпријатија. Владата со цел да се имплементира оваа мерка ќе исплаќа трансфери на средства кон соодветните единици на локална самоуправа, истакна Груевски во декември минатата година.

Вториот најавен проект е наменет за средношколците. Од денеска секоја среда ќе можат бесплатно да ја користат железницата, жичарницата до Водно и бесплатно да посетуваат културни установи во земјата

Преку овој проект наречен „Средношколска Среда“ секоја среда на сите средношколци, ќе им се овозможи бесплатен превоз на жичарницата на Водно и со железничкиот сообраќај во Република Македонија, како и бесплатни билети за театрите, музеите и кината во државата, истакна премиерот во таа прилика.

Поволностите за студентите и средношколците премиерот ги најави како дел од поширока палета од 100 мерки и проекти за младите и за образованието кои ќе се објават во следнит период.

Од новите владини мерки, годинава и пензионерите ќе може да очекуваат ново зголемување на пензиите како и на социјалната помош за пет отсто. Тоа го најави вчера премиерот Никола Груевски во новогодишното обраќање.

Како што рече Груевски, во 2016-та треба да почне и изградбата на нови државни пензионерски домови за пензионери со пониски пензии, како и нови градинки.