Бесплатен туристички викенд за 12.000 пензионери

Услугата бесплатен туристички викенд, која ја најави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, од идната година ќе можат да ја искористат 3.000 пензионери годишно. Предност ќе имаат корисниците на пониска пензија.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека новиот проект е со цел да се обезбеди квалитетен живот, социјална заштита и сигурност на старите лица.

Бесплатниот викенд ќе може да се искористи во одморалиштата и хотелските комплекси кои се наоѓаат на планините и крајбрежјето на езерата во Македонија, односно во Охрид, Дојран, Струга, Преспа, Берово и Крушево. Во овој проект влегува платен превоз, ноќевање и два полни пансиони. Оваа услуга ќе може да ја користат лица – корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија, а лицата корисници на пензија кои користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице имаат право на придружник.

Секоја година оваа услуга ќе може да ја користат до 3.000 корисници на пензија во пролетниот и есенскиот период, односно 12.000 пензионери во период од четири години.

За проектот ќе бидат издвоени 10.760.000 денари на годишно ниво, односно 43.040.000 денари за вкупно четири години.

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.