Бесплатен зимски одмор за 1.000 деца во социјален ризик во 2016

Јавен повик за аплицирање на заинтересираните за користење на бесплатен зимски одмор е објавен денес и ќе трае во наредните 14 дена.

Имено, нова група деца во социјален ризик за време на зимскиот распуст ќе користи бесплатен одмор во Крушево.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната прес-конференција истакна дека Владата овој проект го спроведува од 2012 година и досега на бесплатен одмор биле вкупно 11.000 деца во социјален ризик. Од нив 3.000 користеле зимски, а останатите летен бесплатен одмор.

– Ова е еден од проектите кои што им помага на оние семејства кои што можеби немаат доволно средства да им обезбедат на нивните деца бесплатен летен и зимски одмор, при што ние како Министерство и како Влада им го овозможуваме, истакна Спасов.

Тој додаде дека на бесплатно зимување може да заминат деца од петто до деветто одделение, кои доаѓаат од семејства корисници на социјална и постојана парична помош, децата со пречки во развојот, како и децата без родители и родителска грижа.

Бесплатниот одмор ќе трае шест дена

dime-spasov-deca1Ќе имаат право на бесплатен зимски одмор во траење од шест дена кој што вклучува пет полни пансиони со соодветни едукативни и рекреативни спортски и  забавни активности за време на периодот на користење на бесплатниот зимски одмор.

Министерот Спасов истакна дека и понатаму како Министерство ќе продолжат со реализација на проекти кои што го помагаат животот на корисниците на социјална и постојана парична помош, како и на децата без родители и родителска грижа и децата со пречки во развојот.

Владата за спроведување на проектот годишно издвојува 12 милиони денари, од кои 8.000.000 денари се за бесплатен летен одмор за околу 2.000 дечиња и бесплатен зимски одмор за 1.000 дечиња во износ од 4.000.000 денари.