Македонија

Агенцијата за катастар ќе изготвува бесплатни елаборати за најранливите категории граѓани

Агенцијата за катастар ќе изготвува бесплатни елаборати за најранливите категории граѓани

Владата на денешната седница донесе мерки кои се однесуваат на социјално ранливите категории граѓани. Имено, граѓаните кои што примаат социјална помош и имаат ниски парични примања односно до 168 илјади денари годишно ќе добијат бесплатни елаборати за легализација на дивите градби во кои живеат, а исто така трајно ќе бидат ослободени од плаќање на радиодифузна такса.

„Агенцијата за катастар по службена должност ќе изготви елаборат за легализација на дивите градби за лицата со ниски примања, како и за корисниците на социјална помош. Корисниците на социјална помош треба да извадат потврда од Центарот за социјални работи, а оние со ниски примања потребно е да извадат потврда од УЈП за годишните примања и да достават барање до Агенцијата за катастар,“ изјави премиерот, Никола Груевски на денешната прес конференција.

Со оваа мерка ќе бидат опфатени 34 илјади приматели на социјална помош и пет илјади постојани приматели на парична помош.

Со измените на законот за аудио и аудио- визуелни услуги од плаќање на радио-дифузна такса ќе бидат ослободени исто така најранливите социјални категории на граѓани. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 40 илјади семејства.

Другите мерки кои Владата ги донесе на денешната втора седница, се однесуваата  на унапредување на правата на лицата со телесен инвалидитет. Со измените на законот за градби, сите идни градби треба да бидат изградени на тој начин што ќе овозможат полесно движење и престој на овие лица во нив. Имено на секој десети стан треба да има по еден кој ќе ќе биде приспособен за домување за овие лица, но да не бидат повеќе од четири стана во една зграда.

При реконструкција и изградба на јавни површини, истите треба да бидат адаптирани или изградени на тој начин што ќе овозможат лицата со телесен инвалидитет полесно да се движат.