Бесплатни прегледи од денеска и во Ѓорче Петров

Поради топлото време, општината Ѓорче Петров во соработка со ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“, ќе започне со организирање бесплатни превентивни прегледи и совети за заштита од топлотните бранови.

Прегледите ќе започнат денеска, а ќе се одвиваат во реонскиот парк во Ѓорче Петров, со почеток од 16.30 до 21.30 часот.

Акцијата ќе се одвива на 11, 16, 21 и 26 август. На пунктовите граѓаните ќе можат да се информираат за тоа како да се заштитат од високите температури и да добијат препораки за здрави животни навики.

Во текот на акциите на граѓаните ќе им се делат брошури за превенција од топлотните бранови.

Досегашното искуство од организирањето вакви акции покажува дека граѓаните во општината масовно ги посетуваат овие пунктови, на кои, покрај прегледи и совети за здравјето, жителите добиваат поголема достапност на лекарските служби и поттик за навремено и редовно вршење преглед кај својот матичен лекар.

Вакви бесплатни превентивни прегледи за заштита од топлотни бранови има и низ општините Кисела Вода и Аеродром.