Бесплатни проекти за изградба на семејни куќи во Општина Илинден

Општина Илинден во делот на локалниот економски развој, а со цел да им помогне на граѓаните, продолжува со примена на иновативен пристап во јавниот сектор во реализирањето на проектите во повеќе области.

Речиси една година Општина Илинден го реализира проектот „Бесплатни проекти за изградба на семејни куќи“ во рамките на кој на граѓаните бесплатно им се нудат проекти за изградба на станбени објекти за индивидуално домување.  Оваа поволност можат да ја искористат сите што сакаат да изградат семејни куќи на територијата на Општината. Потенцијалните инвеститори имаат можност да изберат еден од понудените  четири бесплатни проекти за изградба на индивидуални станбени објекти, што беа избрани на распишаниот конкурс од страна на Општината и да го одберат оној што најмногу им одговара.

Бесплатните проекти се дел од поволностите што во рамките на својата иновативност Општина Илинден им ги нуди на инвеститорите, со што тие можат да заштедат и над 1.000 евра од проект, колку што обично чини изработката на ваквите проекти. Покрај тоа што со моделите на семејни станбени куќи кои можат да се применат како типски објекти, Општината ќе добие многу поубав лик, со бесплатните проекти се  олеснува работата на администрацијата и се забрзува постапката за издавање на градежни дозволи по електронски пат, односно се скратува рокот за издавање на одобренијата за градба. Така, по плаќањето на комуналиите кои изнесуваат само 2 евра по метар квадратен, граѓаните за само 3 дена добиваат одобрение за градба.

Од почетокот на годината досега  се издадени 147 одобренија за изградба на семејни куќи. Од 147-те инвеститори во станбени објекти дури 98 ги искористиле поволностите што во рамките на својата иновативност им ги нуди Општина Илинден и одбрале еден од четирите понудени бесплатни проекти за изградба на семејни куќи.

Дека проектот „Бесплатни проекти за изградба на семејни куќи“ во целост ја постигна целта најдобро зборува податокот што од издадените 29 одобренија за изградба на семејни куќи во месец октомври, во 28 од нив инвеститорите одбрале еден од понудените бесплатни проекти од страна на Општина Илинден.