Бесплатниот градски превоз е најдобра мерка против аерозагадување

загадуванје

Бесплатен јавен превоз за сите граѓани со возилата на ЈСП и со автобусите на приватните превозници поради алармантното загадување на воздухот во последниве неколку недели, а кое беше најизразено изиматиот викенд, најави скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

Мерката е времена и превозот ќе биде бесплатен сè додека нивото на загадување не се намали до дозволеното ниво. Ќе се интензивира и контролата на градилиштата. Комунална хигиена ќе продолжи со интензивно миење на градските улици и булевари.

Ваквата мерка која предвидува бесплатен градски првоз се воведува за првпат и според познавачите ќе даде најдобри резултати во услови на магла, бидејќи како што велат пешаците тогаш се најмногу изложени на штетните ПМ-честички.

Ја поздравувам мерката за бесплатен градски превоз бидејќи во услови кога има магла граѓаните повеќе се изложени на ПМ-10 честичките и треба да се наоѓаат во затворен простор, односно во автобуси или автомобили. Најштетно по здравјето на човекот е во услови на висока концентрација на магла да биде на отворено и да оди пеш, па оттука мерката за бесплатен превоз е најдобро решение, меѓутоа тоа не треба да биде правило и кога нема аерозагадување“, вели во изјава за Нетпрес, универзитетската професорка на на рударско-геолошкиот факултет во Штип и актуелен државен секретар во Министертсвото за животна средина и просторно планирање, Соња Лепиткова.

Таа појаснува дека кога има магла, ПМ-честичките не се движат високо во атмосферата туку остануваа пониско во воздухот и затоа се концетрираат во големи количини. Па во такви услови на влага и магла, потенцира дека, најмногу на удар на штетните влијанија од загадениот воздух, се токму пешаците и оти беспланиот јавен превоз е најефикасно решение во таков случај.

Густата магла, која викендот го покри главниот град, според неа е резултат и на подолгото загревање на домовите поради подолгиот престој дома , бидејќи како што вели, најголем удел во загадувањето на воздухот во градските средини во зимски услови,  дури 70 отсто, доаѓа од типот на горивото кое се користи при загревање на домовите, поточно од греењето на дрва.

Лепиткова очекува дека бесплатниот градски превоз значително ќе го намали загадувањето, но смета дека најдоброто и најефикасно решение за спречување на аерозагадувањето е целосна гасификација на главниот град. Според неа свеста кај граѓаните за овој проблем, со кој се соочуваат голем број на евроспки градови, е многу малку разбудена и потенцира дека истата мора да се подигне. Според неа, граѓаните не требаа да чекаат препораки од надлежните туку треба самосвесно и самоиницијативно да придонесуваат за намалување на аердозагадувањето. Таа апалира до сите жители на Скопје и на другите високо загадени градови во Македонија, кои се греаат на дрва и ќумур почесто да ги чистат печките и оџаците, минимум еднаш на два месеци, со што ќе придонесат кон намалување на високите концентрации на штетни честички во воздухот. Исто така нејзина препорака до граѓаните, кои имаат можност, е за викендите да одат надвор од главниот град.

Повикувајќи се на истражувања на условите во домовите на повеќе целни групи, односно семејства кои се затоплуваат на парно, печки на пелети, на дрва или на ќумур, таа вели дека резултатите покажуваат оти во домовите со конвенционални печки концентрацијата на ПМ-честичките  и во домашни услови можат да достигнат до 200 микрограми на метар кубен, што е трипати над дозволените 50. Па поради тоа доколку мораат да се греаат на дрва, таа апелира доколку поседуваат клима уреди, истите да ги вклучуваат најмалку два пати во текот на денот, по минимум 10 мин.

Секој намален процент на загадувањето на воздухот е од огромно значење за секој еден граѓанин на државата, вели Лепиткова, поздравувајќи ги и останатите мерки во насока на намалување на загадувањето како што се субвенции за купување на печки греење на пелети, најавите за набавка на електрични автомобили и автобуси и вградување на плински систем во автомобилите.

Освен мерката бесплатен јавен превоз, чија примена веќе започна, скопскиот градоначалник најави и интензивирање на контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.

Градот ќе ги контролира сите градилишта и возилата кои ги напуштаат градилиштата, кои ќе мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината. Доколку дозволат временските услови, Градот Скопје ќе продолжи да ги прска градските улици со средството калциум магнезиум ацетат. Апелирам до вработените на Град Скопје да доаѓаат со јавен превоз наместо со свои автомобили. Градот Скопје и јавните градски претпријатија ги ослободуваат од работа лицата над 60 годишна возраст со хронични заболувања, како и бремените жени, информираше Коце Трајановски на прес-конференција.

Тој исто така го задолжи ЈП „Комунална хигиена“ да продолжи со интензивно миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје, препорачувајќи им и на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.

Инспекцискиот надзор спроведен од Градот врз топланите во Скопје покажал дека сите топлани работат исклучително на гас и не загадуваат,посочи Трајановски, кој додаде и дека  градот Скопје изминатите денови вршел интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност, односно на 36 инсталации, со мерење на емисијата на ПМ, при што било  утврдено дека ниту една инсталација во нивна надлежност не ги надминува граничните вредности. Тој исто така побара од МВР да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Градот Скопје  да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.

За воведување пар-непар, Трајановски рече дека нема законски услови и затоа упати апел до надлежните министерства да направат измени во законите за воведување на оваа мерка во главниот град.