Бесплатно запишување право на сопственост за катастарските општини Пелинце и Длабочица

Кумановското одделение за катастар на недвижности ќе врши бесплатно запишување на правото на сопственост за катастарските општини Пелинце и Длабочица. Ова го соопштија на денешната прес-конференција, надлежните од катастарот.

Оттаму велат дека во овие две места, процентот на неутврдени права на сопственост е поголем од 20 проценти, што согласно измените на Законот за катастар на недвижности и врз основа на годишната програма на Владата, катастарот ќе изврши бесплатно запишување на правото на сопственост.

Раководителот на одделението Дејан Јовановски, ги повика граѓаните и правните лица кои поседуваат имот во катастарските општини опфатени со програмата, да поднесат барање до одделението, по што катастарот ќе изврши бесплатно запишување на правата на сопственост.

Ги повикувам сите граѓани кои имаат незапишано право на сопственост, кои при систематското запишување на правата, не ги поднеле пријавите или не знаеле, не биле присутни во државата, да поднесат барање до нашето шалтерско одделение. Нашите екипи ќе извршат увид на лице место на терен, ќе се направи геодетски елаборат и бесплатно ќе им се запишат правата, рече Јовановски.

Претходно,во кумановско со годишната програма,потесети  Јовановски, беа опфатени и катастарските општини, Малотино, Кокино, Брешко, Дејловце, Аљинце, Сопот, Алешевце, Бељаковце, Цвиланце и Бајловце.

Стратешка цел на Агенцијата, рече Јовановски, е секоја парцела во Македонија да биде со утврдена сопственост. За реализаицја на оваа цел беа донесени законски измени и годишна програма на Владата.Во овие две години мерката ја искористиле 10.000 граѓани и правни лица на кои бесплатно им се утврдени правата на сопственост. На ниво на државата, 9,9 проценти од вкупниот број парцели се уште немаат утврдени права на сопственост.