Без голови во првите мечеви од интерконтиненталните квалификации

И двата први натпревара од дополнителните интерконтинентални квалификации за пласман на Светското фудбалско првенство коешто следната 2018 година од 14-ти јуни до 15-ти јули ќе се игра во Русија завршија без голови, Хондурас и Австралија одиграа 0:0 во Сан Педро Сула, додека истиот резултат беше постигна и на дуелот меѓу Нов Зеланд и Перу во Велонгтон.

Во средбата меѓу четвртопласираната репрезентацијата од зоната КОНКАКАФ, Хондурас и петопласираната селекција од азиската зона Австралија подобри шанси за постигнување погодок имаа гостите, но напаѓачот Томи Јурич, со хрватско потекло, во 34 минута го промаши голот а неговиот удар со глава во 53 минута успеа да го одбрани голманот Донис Ескобар. Домашните својата најдобра можност за гол ја имаа во 82 минута, кога Карлос Костли шутираше директно во австралискиот голман Мати Рајан.

Австралија се обидува да се пласира на својот четврти мундијал, по 2006, 2010 и 2014 година, а Хондурас на својот трет планетарен собир на најдобрите фудбалски селекции по 2010 и 2014 година. Реваншот ќе се игра во среда во Сиднеј.

Петопласираната репрезентација од јужноамериканските квалификации Перу доминираше на натпреварот против најдобрата селекција во зоната Океанија – Нов Зеланд, иако играше на гостински терен. Но гостите не успеаја да ја пробијат домашната одбрана, па победникот од дуелите ќе биде познат по реваншот кој ќе се игра во Лима ноќта кон четврток во кој двете селекции ќе влезат без предност.

За Нов Зеланд ова би било трето Светско првенство, откако досега учествувале на она во 1982 година и во 2010 година, додека Перу ќе се обиде да се врати на големата фудбалска сцена по цели 36 години кога оваа земја на Андите го имаше својот последен настап на мундијалите во 1982 година, а пред тоа играла на првото светско првенство во 1930 година во Уругвај, а потоа и во 1970 и во 1978 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.