Без изразена предност на локалните избори на Косово

Во повеќето косовски општини ќе мора да се одржи втор изборен круг, откако во неделата ниту една партија не успеа да создаде изразена предност во првиот круг од локалните избори коишто се сметаат за прв тест за новата влада предводена од премиерот Рамуш Харадинај.

Во трката за главниот град Приштина, градоначалникот Шпенд Ахмети, кој доаѓа од движењето Самоопределување, не успеа да победи во првиот круг, откако се соочи со силен ривал од Демократската лига на Косово (LDK), Арбан Абраши. Ахмети освои 44
отсто од гласовите, недоволно за победа уште во првиот круг, а Абраши има 35,7 проценти.

Самоопределување има кандидати во вториот круг и во Призрен и Гњилане, каде повторно ќе има соочување меѓу двата најсилни косовски политички субјекти.

Трите владејачките партии од таканаречената „воена коалиција“ имаат кандидати во вториот круг во Призрен, Пеќ, Митровица и Ѓаковица.

Српската листа очекувано доминираше во мнозински српските општини, во северна
Митровица, Лепосавиќ, Звечане, Зубин Поток, Граѓаница.

Поранешниот премиер Иса Мустафа од LDK, партија која беше изоставена од формирањето на новата влада, изрази надеж дека партијата ќе успее да освои половина од општините со албанско мнозинство во Косово.

И од Демократската партија на Косово на Кадри Весели, која е мал но клучен дел од „воената коалиција“, составена од партии предводени од команданти во војата во 1998/1999 година, велат дека победиле на изборите.

Одѕивот на локалните изборите остана низок, како и на сите претходни избори.