Без определен мандатар од Иванов не е можна постапка за избор на нова Влада

каракамишева

Формирањето Влада без мандатор претставува опасни, штетни и неуставни чекори за кои ќе мора да се утврди кривична одговорност за поттикнувачите и сторителите, оценуваат експерти по уставно право, по избавите на лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, дека доколку претседателот не го додели мандатот и не ја повлече одлуката ќе се разгледуваат прашањата за гласање влада во собранието согласно Уставот и Деловникот на Собранието. „Ве уверувам дека постои решение за оваа работа. Едно од решенијата е премногу очигледно. Парламентот може да избере претседател на Собранието и тука нема никаква допирна точка со Ѓорге Иванов или со било кој. 67 -те мандати барем гарантираат дека може да се избере со мнозинство гласови претседател на Собранието и тоа е еден од извесните чекори кои ќе доаѓаат. Тоа е во моите планови, во плановите на Ахмети и плановите на другите политички партии и беше дел од пакетот за кој што се разговара, обелодени Заев.

Али Ахмети синоќа изјави дека одлуката била едногласна. На прашањето како ќе се гласа ако Иванов не се премисли, рече дека за тоа се регулира во уставот и правилникот во Собранието.

Универзитетската професорката Тања Каракамишева Јовановска коментирајќи ги изјавите на лидерот на интегративците и портпаролот на партијата по синоќешниот состанок на Централното претседателство вели дека тоа е практично доказ дека за СДСМ не претставува проблем реализирањето на албанската платформа.

Ако се земе предвид вчерашната изјава на портпаролот на ДУИ, г. Османи дека централното претседателство на оваа партија донело едногласна одлука да влезе во составот на Влада формирана од СДСМ, а со цел да ги реализира сите точки од платформата, ова практично упатува на заклучокот дека СДСМ нема никаков проблем да реализира се што е напишано во платформата. Практично пред нас гледаме едно целосно соголено сценарио на кое единствено што му останува е да биде реализирано. Да се реализира нешто што не е волја на мнозинството граѓани на РМ претставува најголема политичка измама и заобиколување на изборната волја од осамостојувањето на РМ до денес, рече Каракамишева за Нетпрес.

Вчерашната изјава на претседателот на ДУИ, Ахмети дека ќе се разгледаат сите уставни и деловнички одредби за формирање Влада, според Каракамишева, претставува признание на Ахмети дека политиката мора да се врати и да се одвива исклучиво и само во рамките на правните акти на државата, а не надвор од нив.

Оваа изјава на г. Ахмети ја толкувам како обид на албанскиот лидер работите во политичкиот дискурс да ги врати во институциите на системот, да ги вразуми сите оние што мислат дека решенијата на кризата можат да се бараат надвор од правните прописи на државата, и работите да се нормализираат, а не да се докомплицираат. Со оваа изјава г. Ахмети практично и директно ги обесхрабри сите „експертски“ и други обиди да се оди во фронтално и отворено кршење на Уставот на РМ, додава универзитетската професорка.

Според неа, од СДСМ сиве овие години покажале дека се мајстори да го кршат или да го заобиколат Уставот, порачувајќи дека во овој клучен момент за државата потребно е водење политика со ладни глави, со голема доза на разум и прагматичност. Каракамишева – Јовановска појаснува кои се уставните можности кои следат по одбивањето на претседателот Иванов да му го даде мандатот на Заев и одлуката на ДУИ да бидат дел од владата предводена од СДСМ.

Без определен мандатар од страна на г. Иванов не е можно да се започне постапката за избор на нова Влада. Тоа е така затоа што и Уставот и Деловникот на Собранието на РМ утврдиле фази низ кои поминува процесот избор на нова Влада. Ниту една фаза не може да биде пропуштена, ниту е дозволено да биде заобиколена. Оттаму, сите „играња бајрам со умот“ дека е можно да се формира Влада без мандатор треба да се исклучат како опасни, штетни и неуставни чекори за кои ќе мора да се утврди кривична одговорност за поттикнувачите и сторителите, потенцира таа.

Каракамишева вели дека е потребно е со индигнација да се отфрли албанската платформа како документ составен и донесен во посредство на политичари на странски држави што, како што додава, е кршење на меѓународното и правото на ЕУ.

Отфрлањето на платформата мора да се направи од страна на сите политички партии.По нејзиното отфрлање, претседателот Иванов треба да го додели мандатот на мандатарот согласно одредбите во Уставот. Партиите ќе мора во меѓувреме да го отворат и прашањето за организирање на локалните избори во мај оваа година, да го заокружат изборот на претседател на Собранието, изборот на сите комисии и работни тела во Собранието, како и евентуално да се договорат за организирање идни брзи парламентарни избори како алтернативно решение имајќи предвид дека парламентарното мнозинство кое ќе застане зад евентуално некоја нова влада ќе биде прилично мало а идната влада нема да може да функционира нормално и без проблеми, потенцира Каракамишева за Нетпрес.

Република Македонија, како што потенцира таа, во моментов е соочена со албанска платформа срочена и донесена во Тирана преку директно учество на странски политичари во нејзината подготовка и осмислување, што како што вели, е потврдено и од страна на Беса.

Овој факт го потврди претседателот на БЕСА кој преку соопштение го демантираше ДУИ дека се работи за платформа создадена во РМ, туку дека целиот процес е инициран и раководен од Владата на Албанија што е политички факт без преседан кој не беше остро осуден ниту од ЕУ, ниту од Советот на Европа, а уште помалку од ООН. Директното мешање на официјална Тирана во внатрешните работи на Република Македонија не ја доближува Албанија до европските вредности и принципи, туку напротив, ја оддалечува од европскиот принцип на добрососедска политика, од принципите на меѓународното право, како и од владеењето на правото во оваа земја, смета универзитетската професорка.

Целиот процес на составување на албанската платформа на територија на друга држава, а за внатрешна употреба во Република Македонија, како што подвлекува Каракамишева – Јовановска директно ја поткопува независноста и сувереноста на нашата држава.

Појаснува дека во случај да дојде до имплементирање на точките и барањата од платформата во која било идна владина програма тоа би значело непочитување на Уставот на РМ од страна на партиите и политичарите во државата што, според неа, е директна можност да се бара кривична одговорност на секого инволивиран во политиката кој работи кон уривање на постојниот уставен поредок на државата без легитимитет даден од суверените граѓани на Република Македонија.