Би Би Кинг бил отруен?

Полицијата од американската сојузна држава Невада покрена истрага за смртта на легендата на блузот, Би Би Кинг.

Неговите ќерки Карин Вилијамс и Пети Кинг тврдат дека на Би Би Кинг му биле дадени „чудни супстанци“, кои ја предизвикале неговата прерана смрт и за тоа ја обвинуваат неговата менаџерка Лаверн Тони.

Таа ги отфрлува обвинувањата, објаснувајќи дека не е прв пат ќерките да зборуваат лошо за неа, а слично реагираа и адвокатите на Кинг, кои сметаат дека ваквите обвинувања се „без основа“.

Сомнежот дека прославениот блуз пејач и гитарист можеби бил убиен, беше доволна основа американската полиција да отвори и формлна истрага, а испитување за смрта на Кинг да отвори и судот.

Би Би Кинг почина спиејќи во својот дом на 14 мај годинава на возраст од безмалку 90 години. Лекарите кои први го прегледале неговото мртво тело, забележиле дека починал како последица на „серија од неколку мали мозочни удари“ предизвикани од неговото долгогодишно боледување од дијабетис.

Неговите ќерки се сомневаат во Тони и во неговиот личен секретар, Мајрон Џонсон, затоа што тие единствени можеле да му ја даваат препишаната медицинска терапија. Лековите што ги примал остарениот блузер биле за да се спречи дијабетичен шок.

Ќерките на Кинг тврдат дека последните недели од животот нивниот татко бил целосно отсечен и ставен под надзор само на Тони и Џонсон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.