Би Би Си: Грција од економска влегува во политичка криза

Кризата во Грција неможе понатаму да ја тресе еврозоната, но сепак сеуште може да предизвика голема политичка загриженост. Додека ЕУ се обидува да се фокусира на големите планови за инвестиции и да обезбеди економски раст на континентот, уште една драма во Грција најверојатно е последното нешто што е потребно, пишува Би Би Си во својата анализа.

Забрзаното опоравување на економијата и на финансиите е постигнато со голема помош и интервенција на ММФ и на ЕУ, сепак тоа не помага да се надминат стравувањата на Брисел за иднината на оваа своја членка.

Овојпат, европските стравувања за Грција се потикнати од заканата земјата уште еднаш да се врати во вртлогот на „политичката неизвесност“.

Доколку грчкиот парламент не успее да избере претседател пред крајот на годинава, при крајот на јануари се очекува да се одржат генерални избори, а СИРИЗА, партијата од радикалната левица се очекува дека ќе победи.

Ваквиот политички развој во Грција ги плаши Брисел и ЕУ затоа што Ципрас се заканува со раскинување на договорот што земјата го има со ММФ и ЕУ околу финансиското опоравување. Ципрас вели дека доколку Сириза ја освои власта, ќе прекине политиката на намалување на јавната потрошувачка и на одржување на сегашната буџетска прака, која според грчките левичари, е виновна за „осиромашувањето на народот“.

Лидерот на Сириза бара реструктуирање на грчкиот долг и отпис на дел од побарувањата, што не го одобрува никој во Европската унија.

Би-Би-Си забележува дека на можноста за нова политичка неизвесност во Грција, Брисел веднаш реагираше со отворено земање страна на грчката политичка сцена. Раководството на ЕУ ги отфрла заканите на Ципрас и неговата политика, предупредувајќи ги грчките гласачи да бидат внимателни при евентуалните нови парламентарни избори.

– Верувам дека Грците многу добро знаат што ќе значат за Грција, но и за еврозоната, погрешните изборни резултати, изјави во Брисел претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, кој оцени дека кормилото на Атина може да биде преземено од „екстремистички сили“.