Би-Би-Си: „Нова Турција“ запаѓа во меѓународна изолација

„Нова Турција“ на сегашниот претседател, а 11 години пред тоа премиер Реџеп Таип Ердоган, бележи значајни економски резултати, па земјата е меѓу 17 економски најразвиени државi во светот, но на меѓународната политичка сцена „полека запаѓа во изолација“-пишува Би-Би-Си, пренесува МИА.

Иако Турција го засили своето дипломатско присуство низ светот, а посебно во Африка, процесот на изолација започнa пред неколку години и според Би-Би-Си, го достигна својот врв со понижувачкиот пораз на турската дипломатија во ОН, кога земјата не успеа да биде избрана за непостојана членка на Советот за безбедност.

Не помогна силното лобирање, па Турција беше лесно поразена од Шпанија и Нов Зеланд кои беа избрани со големо мнозинство.

Турција и натаму е посетувана од светски политички лидери (потпретседателот на САД, Џо Бајден ќе престoјува во Анкара неделава) но земјата се повеќе останува без пријатели, губејќи ги старите пријателство по кои едно врема стана и регионална политичка сила.

Работи почнаа да се усложнуваат со избувнувањето на „арапската пролет“ на Блискиот Исток и во Северна Африка, кога тогаш, како премиер, Ердоган избра „погрешна страна“ застанувајќи зад Муслиманското Братство во Египeт и се вклучи отворено во соборувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Сега нема египетски амбасадор во Каиро, откако Ердоган го нараче новоизбраниот еегипетски претседател Абдул Фатах ал Сиси „неизбран тиранин“. Турција продолжува да се вовлекува во сирискиот конфликт, дозволувајќи им на џихадистите од Исламска држава (ИД) да минуваат преку нејзината територија.

Турција целосно ги расипа своите некогаш добри односи со Ирак и со Саудиска Арабија, како и со Иран,целсоно го урна некогашното „стратешко партнерство“ што го имаше со Израел,кое не постои кога Анкара се сврте кон исламистите во Газа. По последните судирања на Израел со Хамас во Газа, актуелниот турски претседател го обвини Израелците дека извршиле „геноцид во појасот, налик на Холокаустот“.

Според Би-Би-Си, ниту односите со САД не се онакви какви што беа во минатото. Турција е членка на НАТО, но не прифаќа да се приклучи на анти-ИД коалицијата. Официјална Анкара, не им дозволува на Американците да ја користат својата база на турска територија, за бомбардирање на позициите на ИД, доколку во исто време не се бомбардираат и позициите на владините сили во Сирија.

Кога минатиот месец, Ердоган побара од САД да не ги вооружуваат Курдите кои единствени војуваат против џихадистите на ИД, во Кобане, веќе следниот ден Американците им дотурија од воздух, оружје, опрема и медицинска помош на курдските борци,на кои турската армија одбива да им помогне.

Како што забележува Би-Би-Си, тоа само покажува колку се спуштени и оладени американско-турските односи, за кои британскиот медиум ја обвинува турската страна и потезите што ги влече Анкара. За меѓународната изолација, придонесуваат и внатрешните прилики во земјата, случајот со Геза паркот во Истанбул, бруталната употреба на полициска сила, гушењето на демократијата, човековите и медиумските слободи, партизираниот правосуден систем и отсуството на правната држава.

Изградбата на исклучително скапата претседателска палата, со илјада соби, за новиот претседател на Турција, како и неговата последна изјава,дека муслиманите, а не Колумбо ја откриле Америка, помагаат земјата да остане се повеќе осамена и без пријатели, констатира Би-Би-Си.