Би ги одморил Меси и Нејмар да сум тренер на Барселона

Барселона беше поразена на гостувањето на Реал Сосиедад, а по изненадувањето во Сан Себастијан тренерот на победничкиот тим, Дејвид Мојс, „се стави во кожа“ на колегата од клупата на Барса, Луис Енрике.

Шкотланѓанецот изјави дека тој би ги одморил Лионел Меси, како и Нејмар доколку е тренер на Барса.

„Големите тимови имаат квалитетни играчи, а значајните натпревари обично се играат во март и април. Поради тоа најдобрите фудбалери треба да одмараат во овој период“, вели искусниот Мојс за шпанските медиуми.

Во мечот на „Аноета“ Енрике на полувремето го воведе Меси, додека Нејмар во 58-та минута.

Единствениот гол беше виден во втората минута кога Џорди Алба ја погоди својата мрежа.

Мојс исто така призна, дека од доаѓањето во Шпанија за него ова е најсреќниот момент.

„Откако дојдов во Сан Себастијан сега сум најсреќен. Одлично ја звршивме работата, играчите беа храбри и неверојатни во одбраната“, заклучи поранешниот менаџер на Евертон, како и на Манчестер Јунајтед.

Баскискиот клуб е на 13-то место на табелата на Примера со 18 поени, води Реал Мадрид, додека втор клуб е Барселона.