Бигорски подготвен за велигденските празнувања

Најголемото македонско светилиште, Бигорскиот манастир е подготвен за велигденските празнувања, пишува МИА.

Како и изминатите години и за овој Празник над празниците се очекува масовна посетеност, а во голем број верници тука има уште од почетокот на оваа страдна недела.

„Моментно има над 250 верници, а масовно присуство се очекува во сабота, кога традиционално присуствуваат повеќе од илјада верници,“ вели отец Доситеј.

Верници има од речиси сите краеви на земјава кои остануваат тука и по неколку денови, но има и странци, меѓу кои од Шпанија и од Франција.

Пред Празникот над празниците гости во Бигорски беа и нашите високи функционери, шефот на државата Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски. И тие како и секој случаен или намерен патник не можеа да минат покрај него а да не го посетат, да се запознаат со текот на работите околу обновувањето на опожарените конаци и да запалат свеќа за здравје за семејствата и напредок на држвата.

Голем број верници има и во женскиот манастир „Свети Георгиј Победоносец“ во блиското дебарско село Рајчица.