БиХ на удар на терористите

Министерот за цивилни работи на Босна и Херцеговина и повеќегодишен висок функционер во некогашната југословенска разузнавачка служба, Средоје Новиќ изјави во интервју за весникот „Пресс РС“ дека БиХ е под закана од терористички напади, додавајќи дека во политичките структури на таа земја се наоѓаат лица, кои го поттикнуваат тероризмот, пренесува МИА.

– Во политичките структури на БиХ се позиционираа еден добар број луѓе, кои не само што го поддржуваат, туку се и директно вклучени во структурите на потенцијалните терористи, истакна Новиќ.

Тој појасни дека разузнавачката служба на БиХ пред пет години располагала со информации дека дел од екстремистите настојуваат да се вклучат во структурите на политичките партии и институциите на власт, но тврди дека тие ништо не презеле.

– Тие својата цел ја остварија, а властите речиси и не мрднаа со прст за да го спречат тоа, додаде Новиќ, наведуваќи дека раководните лица од безбедносните служби стравуваат од екстремистите блиски до режимите и државите од кои се финансираат терористите.

– Бројните предупредувања, како што беше неколку пати повторуваната изјава на директорот на Разузнавачката безбедносна агенција Алмир Џуве дека во БиХ постојат три илјади потенцијални терористи, укажува на тоа дека БиХ е буре барут кога е прашање тероризмот. Во БиХ, ваква каква што е сега, едноставно не е можно да се надгледуваат толкав број потецијални терористи и стравувам дека БиХ мошне брзо ќе се соочи со мошне сериозни проблеми, нагласи Новиќ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.