Бијонсе родила близнаци

Американската пејачка Бијонсе родила близнаци во Лос Анџелес, објавија неколку американски таблоиди кои ги следат славните личности повикувајќи се на извори кои не се идентификувани.

Магазинот US Weekly пишува дека среќниот момент за Бијонсе и нејзиниот сопруг раперот Џеј-Зи, кои веќе ја имаат петгодишната ќеркичка Блу Ајви, се случил претходно седмицава. Не се наведуваат имињата и полот на новороденчињата.

Порталот E!News повикувајќи се на неколку неименувани извори пишува дека пејачката, заедно со сопругот и ќерката биле видени во четвртокот во кругот на болница во Лос Анџелес.

„Беј и Џеј се одушевени и започнаа да ја споделуваат веста со семејството и најблиските пријатели“, го цитира својот извори магазинот People.

Агенцијата Reuters не можела да ги провери овие информации, а претставникот за медиумите на Бијонсе засега не бил подготвен да коментира.