Магазин

Бил Козби против гласините за сексуални напади

Бил Козби против гласините за сексуални напади

Претстојните настапи на познатиот американски комичар Бил Козби на телевизија се откажани поради се почестите наводи во јавноста дека сексуално злоставувал неколку жени во изминатите неколку години.

Менаџерот на Козби Дејвид Брокау изјави синоќа дека комичарот нема да се појави во познатото шоу на телевизијата Си-би-ес „Вечерно шоу со Дејвид Летерман“, но не ги наведе причините за откажување на настапот.

Козби на 30 октомври откажа уште еден настап.

Барбара Боуман, неодамна го обвини Козби за сексуален напад неколку пати во минатото.

– Козби ја доби мојата доверба во 1985 година кога имав 17 години и сакав да станам актерка. Ми го „переше“ мозокот дека ми е како татко и потоа сексуално ме нападна неколку пати, напиша Боуман во колумна објавена во „Вашингтон пост“.

Ситуацијата дополнително се искомпликува за Козби, откако комичарот Ханибал Бареш во октомври во текот на својот настап во Филаделфија рече дека Козби е „силувач“. Подоцна тој снимен настап е поставен на Интернет.

Против 77-годишниот Козби, кој никогаш не бил кривично гонет, во 2006 година е поднесена тужба дека две години порано сексуално злоставувал една жена.

Познатиот комичар не сакаше да ги коментира новите обвиненија на своја сметка.