Бил припадник на УЧК, сега ја продава куќата и засекогаш го напушта Косово!

Ќе ја продадам куќата за 15.000 евра, само да си одам од тука, вели Фаик Зогај.

Фаик Зогај во 1998. година, како 18-годишник, станал член на таканаречената “Ослободителна војска на Косово”. Тој, меѓутоа, одлучил својата куќа и имот од 30 ари, да ја продаде по многу мала цена, а со парите кои ќе ги добие ќе го финансира патот во странство за себе и своето семејство.

“Одлучив, ќе продадам сè. Еднокатна куќа која е наместена внатре. Ќе ја дадам за 15.000 евра, само да си одам од тука”, рекол тој. Планира со својата сопруга и шест деца да замине во потрага во подобар живот.

Инаку, повеќе илјади луѓе од Косово имигрирале преку Србија и Унгарија, користејќи илегални патишта. За Фаик Зогај, минатото на кое се сеќава со гордост, ќе остане само на фотографиите кои ги има, и кои со носталгија ги покажува на своите деца.

“Поради моите деца си одам од тука, не поради друго. Веќе 2 години барам работа, не можам да најдам никаде. Единствен начин да се добие работа е ако имате вујко или внук за претседател, или некој друг близок”, рекол тој огорчено.

Меѓутоа, за да собере пари за пат, принуден е да продаде сè што има – компјутер, кујнски прибор и на крајот и целата куќа, а како што вели, најмногу е загрижен за својата ќерка која за кратко ќе биде полнолетна.

“Таа до сега некако ме држеше да не заминам, но сега нема друг излез освен да го напуштам Косово. Единствена причина поради која би останал е доколку претседателот на општината ми понуди работа и 200 евра плата”, истакнал Зогај.

Од друга страна, претседателот на општина Милешево, Рагип Бегај, преку телефон рекол дека не му е познат случајот на Зогај, но ветил дека ќе се сретне со него за да се обиде да го спречи неговото заминување.

Сепак, Бегај истакнал дека не може со сигурност да му обезбеди работа, но ќе ги земе во предвид сите можности околу помош во земјоделскиот сектор, и за целата ситуација ја обвинува централната влада.

“Општината не може да го реши проблемот на граѓаните, кои дошле во таква ситуација по војната. Виновна е владата на Косово, бидејќи има луѓе кои држат по три-четири работни места со плати од по 4-5 илјади евра, додека другите граѓани немаат ни за леб”, рекол тој.

Претседателот на селото Млечане, Исмет Крезиу, истакнал дека миграцијата на Косово секој ден е во пораст, и дека тоа село досега го напуштиле осум семејства.

Извор: Точка.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.