Билатерални консултации помеѓу Република Македонија и НАТО

Во работна посета на Министерството за одбрана денеска и утре престојува делегација од Директоратот за политика и планирање на НАТО,  предводена од Франк Боланд, по повод редовната годишна евалуација на постигнатиот напредок во развојот на системот за одбрана на Република Македонија и достигнувњата во одбранбените реформи.

Тимот на експерти од Република Македонија е предводен од државниот секретар на Министерството за одбрана Сашо Стефаноски, а во консултациите со делегацијата на НАТО учествуваат експерти од Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија и други институции инволвирани во ПАРП процесот.

Како што денеска соопшти МО, делегацијата на НАТО била информирана за посветеноста на Република Македонија и нејзиниот континуиран придонес во меѓународните операции и успешно завршената мисија ИСАФ во Авганистан.

На состанокот се разговарало и за напредокот во имплементацијата на Партнерските цели 2014, напредокот во тековната трансформација на Армијата, развојот на распоредливите способности, плановите за опремување и  модернизација и одбранбената соработка.

Во денешните дискусии, стои во соопштението, било истакнато дека Република Македонија, како одговорен член на меѓународната заедница и долгогодишен посветен партнер на Алијансата, ја потврди својата посветеност со продолжување на учеството во мировните мисии и во 2015 година.

Тимот на НАТО особено го поздрави придонесот на АРМ во новата мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан во чии рамки учествуваме со 38 припадници на Армијата.

– Сите достигнувања во одбранбените реформи ќе бидат евалуирани во рамки на новата ПАРП проценка 2015 за Република Македонија. Со овој процес се истакнуваат заложбите на Република Македонија за преземање на обврските и одговорностите кои произлегуваат од полноправното членство во НАТО, стои во соопштението од МО.

Утре, делегацијата од НАТО, како дел од посетата на Република Македонија ќе оствари средба со заменик министерот за одбрана, Арбен Лабеништа и со началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Горанчо Котески и други експерти од Министерството за одбрана и од Армијата на Република Македонија.