Билатерални средби на Иванов на 51. Минхенска безбедносна конференција

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамки на учеството на 51. Минхенска безбедносна конференција, вчера доцна попладне оствари средба со претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алијев, како и со Генералниот секретар на ОБСЕ, Роберто Заниер.

На средбата со претседателот Алијев е разговарано за натамошното продлабочување на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Азербејџан, како и за унапредување на економската соработката.

Во годината кога одбележуваме 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, двајцата претседатели изразија задоволство од позитивниот тренд во билатералните односите меѓу двете земји, кои ги карактеризира пријателство, меѓусебно разбирање и заеднички интерес за нивно натамошно проширување и продлабочување.

Претседателот Иванов ја потенцираше потребата за унапредување и динамизирање на економската соработка, и јакнење на трговската размена меѓу двете земји, преку конкретни економски проекти, и додаде дека азербејџанските инвестиции се добредојдени во Република Македонија. Во тој контекст македонскиот претседател го запозна претседателот Алиев, со поволниот инвестициски амбиент во нашата држава, и со состојбите во македонската економија.

Претседателот Алиев, согласувајќи се со потребата за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог, изрази задоволство од претстојната посета на претседателот Иванов на Азербејџан.

– Азарбејџан е подготвен за продлабочување на соработката со Република Македонија, во сите сфери од заеднички интерес и со задоволство ја прифаќам поканата за официјална посета на Република Македонија, нагласи претседателот Алијев на средбата.

Азарбејџанскиот претседател го информираше претеседателот Иванов за енергетските и гасоводни проекти, кои се во фаза на реализација и кои се планирани во Каспискиот регион. На оваа тема, беше договорено интензивирање на контактите. Разговарано е и за натамошна соработка на мултилатерален план, а беа разменети информации за актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа и на Каспискиот регион.

На средбата со Генералниот секретар на ОБСЕ, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ја цени улогата на ОБСЕ и поддршката што ја дава на земјата во повеќе сфери – владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка на области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот.

Република Македонија, истакна претседателот Иванов, целосно ја поддржува работата на организацијата и на Заниер.

Македонскиот претседател го запозна соговорникот дека за Република Македонија останува клучниот предизвик да се деблокира статус-кво состојбата во интеграциите. Тој додаде дека евро-атлантските интеграции даваат дополнителна кохезивна сила во нашето општество.

На средбата се разговараше и за состојбите во поширокиот регион.

Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија го поддржува усвојувањето на Декларацијата за улогата на ОБСЕ во справувањето со феноменот на странски борци, во контекст на имплементација на резолуциите 2170 (2014) и 2178 (2014) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, што се однесуваат на справувањето со насилниот естремизам.

– Српското претседавање со ОБСЕ треба да се искористи за зајакнување на регионалната соработка во нашиот регион, по прашањето за справување со насилниот екстремизам и странските борци. Потребни се соодветни проекти, во соработка со ОБСЕ, за соочување и превенција од овие закани, порача претседателот Иванов на средбата.

На вториот ден од 51. Минхенска безбедносна конференција, предвидено е претседателот Иванов да учестува на сесиите посветени на Конфликтот во Украина и европската безбедност, и на борбата против тероризмот. Предвидено е претседателот Иванов да оствари повеќе билатерални средби.

МИА