Билатерални средби на Вељаноски на маргините на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, кој во Софија учествува на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ денеска се сретна со претседателот на косовскиот парламент Кадри Весели и со претседателот на Националното собрание на Словенија, Милан Брглеж.

Вељаноски го запознал својот словенечки колега со актуелната состојба во Македонија и се заблагодарил за поддршката што Словенија и ја дава на Македонија во однос на евроатланската интеграција. Претседателот на словенечкото Собрание го истакнал успешното справување на Македонија со мигрантската криза и стопирањето на мигрантскиот бран од македонска страна, што било од голема помош за Словенија.

Вељаноски, како што соопшти неговиот Кабинет, упатил покана до Брглеж да ја посети Република Македонија.

На средбата со косовскиот колега биле разменети мислења за актуелните случувања во двете земји, како и за можностите за зајакнување на економската соработка, подобрувањето на патната инфраструктура и за развивање на добрососедските односи.

вељаноски - кадри весели

Претседателот Вељаноски истакнал дека Собранието на Република Македонија стои на располагање во однос на споделување на искуствата во евроинтегративниот процес.