Билатералните односи со Јапонија започнаа пред 20 години и постојано се развиваат

Македонија и Јапонија одбележуваат 20 години дипломатски односи, па во рамки на тоа беа разменети поздравни писма меѓу премиерот и министрите за надворешни работи на двете земји.

Во рамки на посетата на земјава, парламентарниот заменик министер за надворешни работи на Јапонија, Такао Макино, денеска, во просториите на Министерството за надворешни работи оствари средба со заменик министерот за надворешни работи, Зоран Петров.

Посетата на Макино се совпаѓаше со одбележувањето на 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу РМ и Јапонија, во која прилика беа разменети и поздравни писма меѓу премиерите и министрите за надворешни работи на двете земји.

Во контекст на писмата помеѓу двајцата министри, Попоски наведува дека во оваа јубилејна година за односите меѓу нашите земји, Македонија ќе го испрати својот прв резидентен амбасадор во Јапонија, што според него, ќе придонесе за натамошно зајакнување на соработката.

„Се надевам дека во најскоро време и Република Македонија ќе го пречека првиот резидентен амбасадор на Јапонија во Скопје”, стои во писмото на Попоски.

Министерот Кишида во писмото до Попоски, во еден дел истакнува деба билатералните односи меѓу двете земји започнаа пред 20 години и постојано се развиваат.

Во продолжение, на средбата со Зоран Петров беше разгледана и досегашната билатерална соработка меѓу двете држави, како и можностите и перспективите за нејзино унапредување во иднина во сите сфери од заеднички интерес, пред се во економијата, културата, образованието и науката. Беше разговарано и за продолжување на јапонската техничка помош преку финансирање на дополнителни проекти.

Соговорници се согласија за потребата од организирање на средби на високо и највисоко ниво, што ќе даде нов импулс во билатералните односи.

Од македонска страна беше изразена и благодарност до јапонската Влада за техничката помош која таа и ја пружа на Република Македонија.

Покрај прашањата од доменот на билатералните односи, беа разменети и мислења за одличната мултилатерална соработка меѓу Македонија и Јапонија, како и гледишта за актуелните меѓународни прашања и за регионалните теми, вклучително и надворешно – политичките приоритети и состојби во непосредното опкружување на двете земји.