Билд: Германските агенти во опасност, вработен во разузнавање украл тајна листа со 3.500 идентитети

Германските власти се сомневаат дека вработен во разузнавачката агенција украл листа на која се имиња и тајни идентитети на 3.500 агенти, објави денеска „Билд“, цитирајќи безбедносни извори.

Засега не се знае дали доверливата листа која е од 2011 година е однесена во странски разузнавачки агенции.

Имињата и тајните идентитети се пронајдени на хард-диск, што му припаѓал на поранешен вработен во германската разузнавачка агенција БНД, кој беше уапсен во јули заради шпионажа.

Тој е обвинет дека во изминатите неколку години оддавал тајни на САД. „Билд“ наведува дека тој човек им предал на американски служби преку 200 скенирани документи.

БНД засега не излезе со коментар за написите на весникот.