„Билд“: Има видео снимки за последните секунди пред падот на авионот

Постојат видео и тонски снимки направени со мобилни телефони од патниците за последните секунди од летот на авионот „Ербас А320“ на германската компанија „Џерман вингс“ кој минатата недела се урна во француските Алпи, пишува германскиот весник „Билд“.

За постоењето на ваков материјал, пишуваше и францускиот неделник „Пари Мач“ но обвинителот Брис Робин кој раководи со францускиот дел од истрагата за падот на авионот изјави дека тој „нема сознанија“ за постоењето на видео снимки, како што тврдат германскиот и францускиот весник.
Двата весника откриваат дека имаат обезбедено видео запис со снимен звук од кабината на „Ербасот“ на кои се слушаат врисоци и лелекање од патниците, како и впечатлив звук на метален предмет, како удира во вратата од пилотската кабина.
Францускиот обвинител Робин за германскиот весник рекол дека се уште не се истражени мобилните телефони на патниците најдени на местото каде се урна авионот, но тој повика сите кои имаат вакви снимки да им ги предадат на властите кои ја водат истрагата.
Во оваа авионска трагедија загинаа сите 150 патници и членови на екипажот ,а снимките од едната од двете „црни кутии“ во леталото сугерираат дека копилотот Андреас Лубиц (27) намерно го предизвикал падот.
Вестите за постоење на видео и тонски снимки за последните моменти пред падот на авионот доаѓаат во време кога се испитува дали раководството на „Џерман вингс“ и на „Луфтханза“ која е компанија-мајка, знаеле за здравствените проблеми на копилотот Лубиц и за неговата тешка депресија.
Во првите изјави по падот на авионот, раководството на „Луфтханза“ тврдеше дека немале никакви сознанија за тоа што го натерало Лубиц намерно да го урне авионот полн со патници.
Претставник на оваа компанија не ги коментираше написите за постоењето на видео снимки од падот на авионот, освен што рече дека ќе биде потребно „многу време“ истрагата да ги утврди причините за падот на авионот „Ербас А320“ на „Џерманвингс“ во кој загинаа патници од 18 земји, најмногу од Германија и Шпанија, заедно со 16 ученици и две бебиња.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.