„Билд“: Високо ниво на терористичка закана во Германија

Нивото на терористичка закана во Германија во моментот е на исклучително високо ниво поради учеството на Берлин во борбата против радикалната група Исламска држава, објави германскиот весник „Билд“.

– Секој момент можат да бидат извршени терористички напади со различен интензитет. Терористичката закана е највисока од времето на дејствување на „Фракција Црвена армија“ (левичарска радикална група од Западна Германија) во 70-тите години, пишува „Билд“ повикувајќи се на доверлив документ на германската разузнавачка служба.

Во Германија посебно внимание се посветува на врските на локалните муслимани со терористите во Ирак и во Сирија. Според податоци на германската разузнавачка служба околу 1.000 луѓе во Германија се приврзаници на исламистите, а 230 од нив се потенцијални извршители на терористички напади на германска територија.

Околу 550 лица од Германија се борат на страната на ИД во Сирија и во Ирак, а 150 веќе се вратиле во земјата и можно е да придонесат за радикализација на муслиманите или да подготвуваат напади. Околу 30 од нив директно учествувале во борбите. Во Сирија и во Ирак загинале 60 германски граѓани, а најмалку деветмнина биле бомбаши-самоубици.