Бишев: По одлуката на НБРМ, не смееме веднаш да ги зголемиме каматите

Не смееме да ги зголемиме, па веднаш да ги намалиме каматните стапки. Ќе продолжиме да се однесуваме нормално. За да го задржиме кредибилитетот не смееме да ги зголемиме денес каматните стапки и утре да ги повлечеме. Актуелниот директор на „Шпаркасе банка“, Глигор Бишев зборуваше за однесувањето на банките по одлуката на НБРМ за зголемување на каматната стапка.

Живееме од нашите клиенти и ја делиме нивната судбина. Ние не можеме да кажеме дека сме изолиран субјект. Сепак за разлика од професорите и политичарите на дневна основа ги слушаме нашите клиенти и мораме брзо да реагираме. Од тој аспект и во таква покомплицирана политичка и економска ситуација ќе се обидеме во следните 10-15 денови да опстоиме. Најлошо е да имате јојо однесување, денеска да направите мерка а утре да видите дека таа мерка не била базирана на фундаменталните фактори, истакна актуелниот директор на „Шпаркасе банка“, Глигор Бишев за ТВ Нова.

Според него НБРМ да сакаше да повлече веднаш ликвидност сите банки ќе запишеа, но сега ја оставија ликвидноста на банкарскиот сектор.

Тие кажаа ја дигаме каматната стапка, ќе го браниме денарот, но не повикаа ликвидност од банкарскиот сектор. Затоа не смееме да ги зголемиме, па веднаш да ги намалиме каматните стапки. Ќе продолжиме да се однесуваме нормално. За да го задржиме кредибилитетот не смееме да ги зголемиме денес каматните стапки и утре да ги повлечеме. Народна банка ни вели внимавајте со ликвидноста, па ние ќе ги следиме мерките и ќе го прилагодиме нашето однесување. Имаме сериозна ситуација која се обидуваме да не ја направиме покомплицирана. Најдобро е сите заедно да ја решиме ситуацијата преку разрешување на регенераторите што доведуваат до пораст на каматните стапки, додаде Бишев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.