Бишев: Рекорден раст од над 18 проценти во кредитирањето

Секој четврт станбен кредит е преку проектот купи куќа купи стан. Директорот на Шпаркасе банка, Глигор Бишев вели дека бил забележан рекорден раст од над 18 проценти. За само една година се зголемиле за 4,4 милијарди денари, објави Канал 5.

Проектот „Купи куќа, купи стан“ ги мотивира особено младите граѓани на Република македонија да бидат похрабри во решавањето на своето станбено прашање и веднаш по вработувањето да аплицираат за кредит за купување на стан. Бидејќи имаат два модели, едниот модел е доколку потенцијалните купувачи не располагаат со учество 50 посто од учеството да го добијат од државата или пак да добијат и уште пониски каматни стапки преку субвенцијата што ја исплаќа државата за ратата за отплата на станбениот кредит, вели Бишев.

Досега околу 680 семејства ја искористиле поволноста што ја дава Владата преку проектот „Купи куќа купи стан“. Имено, заинтересираните може да добијат субвенции и до 14 илјади евра. Со растот на домашната, но и европската економија, според Бишев, треба да се очекува и драстично да се зголеми кредитирањето.

Кога каматните стапки паѓаат и се ниски економските субјекти инвестираат во недвижности или во акции и на тој план гледаме придвижување во купување недвижнини од страна на македонските граѓани, бидејќи моментално каматните стапки за станбените кредити се едни од најповолните во поновата историја на Република Македонија – вели Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на “Шпаркасе банка“.

И според податоците на Народната Банка најизразен е падот накаматите кај станбените кредити одобрени во евра и тоа од 6,4 проценти на почеток од годинава на 5,6 проценти во септември.